Ставовите што ги изнел Т. Живков во својот реферат на Пленумот во март 1963 година од страна на бугарската историографска наука биле прифатени како неспорни факти врз кои БКП ја подготвувала својата „марксистичко-ленинистичка“ научна аргументираност, и во однос на нејзината политика спрема СФР Југославија а уште повеќе и во однос на македонското национално прашање. Пак ќе повториме дека македонското национално прашање од бугарската историографска наука и политика било третирано само како „македонско прашање“ во рамките на бугарското национално прашање.
Тие и таквите политички аргументи ќе ги користи бугарската историографска наука како „несоборливи’ и „научноверификувани“ факти. За неа, авторитетот на Тодор Живков претставивал „несоборлив научен аргумент“.
На крајот од заседанието на Пленумот и по дискусијата што се водела по рефератот на Тодор Живков се донесло решение да се подготви документ во кој ќе се образложи целокупната „марксистичко-ленинистичка“ политика на БКП во однос на македонското национално прашање.
И покрај ангажирањето на целокупниот стопански финансиски, научен и интелектуален потенцијал при подготвувањето на таквиот документ и вклучувањето на уметниците, писателите, поетите, научните работници од областа на општествените науки, јавните гласила, целокупниот политички и пропаганден арсенал на НР Бугарија, „документот“ ќе биде подготвен дури во 1968 година, и тоа од страна на највисоката научна институција во НР Бугарија - Бугарската академија на науките.
Ете, на тој начин во НР Бугарија биле создавани „релевантни“, „научно верификувани“ факти и аргументи за националната самобитност на Македонците во пиринскиот дел на Македонија, кои „слободно“ и од никого „непречено’ можеле да си ја искажуваат својата бугарска национална припадност (подвлекол, В.Ј.). Тие и таквите факти й биле давани на науката за таа „научно“ и да ги потврди. Откако науката ќе си ја завршела својата работа, политиката одново ги земала своите одлуки и решенија што науката „научно“ й ги заверила па ги користела за своите дневнополитички цели.
Во прилог на така изградените политички ставови од БКП спрема македонското национално прашање ќе одат и некои промени на југословенските партиски и државни раководители во однос на истото прашање. Имено, во периодот од 1963 година, за што веќе малку и проговоривме, до 1967 година ќе се одржат уште три состаноци на највисоко партиско и државно ниво меѓу СФРЈ и НР Бугарија.
Од 22 до 27 септември 1965 година југословенскa партиска и државна делегација, на чело со Јосип Броз Тито, престојувала во НР Бугарија. Меѓу членовете на југословенската делегација бил и председателот на Собранието на СР Македонија, Видое Смилевски.
Во својот говор Тито ја истакнал добрососедската соработка, која била поттикната и се развивала врз основа на заклучоците од средбата меѓу него и Тодор Живков од јануари 1963 година.
За одбележување е фактот што Тодор Живков и при оваа средба не отстапувал од својот став дека во Југославија живеел еден народ, исто како и во Бугарија.
Во текот на разговорите, кои започнале на 23 септември 1965, биле разгледани и некои проблеми од меѓусебната соработка. Во тие разговори учествувал и Видое Смилевски.
По завршувањето на посетата, на 27 септември 1965 година, Тито во Белград ќе ја даде следната изјава: „Ние мошне лесно најдовме заеднички јазик во многу прашања од областа на нашата билатерална соработка и меѓународните односи што ги разгледувавме. Можам да кажам дека немаше, така да се каже, ниту едно поважно прашање во кое немаше заемно разбирање и во кое не би се согласиле...
Заеднички мораме да ги премавнуваме појавите што би можеле да разгоруваат меѓусебна недоверба како што е примерот со разни историчари кои според својата волја ја кројат и ја толкуваат историјата на нашите народи.“
Тито како да му давал поддршка на Тодор Живков во неговото третирање на „не толку важното“ македонско национално прашање. Со овој свој исказ и извисен напад врз историчарите тој ја замаглувал објективната вистина во која се наоѓала историографијата од тој период. Се добива впечатокот дека толку „некои историчари“ придонесувале за недоразбирањата меѓу СФРЈ и НР Бугарија во однос на некои конкретни прашања, а не политичките разлики и гледишта, не само во поважните прашања туку и во „поневажните“, за какво го сметале македонското национално прашање.
Како било можно научните работници, поконкретно историчарите да бидат обвинети за меѓусебната недоверба на СФРЈ и НРБ ако се знае дека тие повеќе од десетина години, посебно историчарите од НР Бугарија, чекале да се усогласат партиското и државното раководство со науката и општествено-политичката свест и мисла во однос на македонското национално прашање, И токму тоа неусогласување му овозможило на Тодор Живков да настапи пред Пленумот на ЦК на БКП од март 1963 година, „најавторитетно“ и марксистко-ленинистички, со силата на својата партиска и државна позиција да ги определи идните насоки на бугарската историографија, особено на онаа што ги истражувала и ги обработувала македонското национално прашање и националните права на Македонците во пиринскиот крај.
Своите ставови во однос на македонското национално прашање и положбата на Македонците во пиринскиот крај Тодор Живков не им ги наложувал само на бугарската политика и историографската наука. Тој, „со нему својствениот жар и енергија, се вклучил во одбраната на таквата политика пред југословенските раководители, пред раководителите на братските комунистички партии, демократските организации и движења, државниците од блиски и далечни земји.“ Таква упорна ангажираност на Т. Живков им недостигала на македонските а уште повеќе на југословенските партиски и државни раководители. Заради тоа и велиме дека во спроведувањето на најновата политика на Т. Живков во однос на македонското национално прашање, посебно спрема Македонците во пиринскиот крај, ќе му помогнат одвај забележителните, но сепак промени во југословенските ставови за истите прашања.
И покрај тоа што во 1965 година биле укинати визите за патување на југословенските, односно на бугарските граѓани во Југославија и Бугарија, како и порано така и по таа 1965 година, Македонците од пиринскиот дел на Македонија не можеле да патуваат надвор од границите на НР Бугарија, затоа што не им биле издавани патни исправи - пасоши, доколку не сакале да го сменат својот македонски национален идентитет во бугарски.
Тоа е период кога во НР Бугарија започнала кампањата проследена со голем притисок за создавање на таканаречената социјалистичка бугарска нација. Истовремено, во истиот период во СФР Југославија, неуспешно се правеле обиди за формирање на некаква хибридна југословенска нација. Таквата политика наишла на отпор, некаде јавно и посилно, некаде тивко но долгорочно.
При спроведувањето на оваа нова политика во пиринскиот дел на Македонија ќе се примени таканаречениот „статистички геноцид“ врз Македонците во НР Бугарија, особено врз оние од пиринскиот крај.
Во периодот од 1963 до 1965 година, кога во НР Бугарија ќе биде спроведен пописот на населението, од страна на бугарските органи на власта и сите општествено-политички организации, преку јавните медиуми, научните и пред се’ просветните институции, работните колективи и други асоцијации, во пиринскиот дел на Македонија била преземена голема пропагандна активност која најпосле ќе вроди со плод во интерес на официјалната политика на НР Бугарија во однос на Македонците во НР Бугарија т. е. во пиринскиот крај.
Покрај употребата на дотогашните познати и докажани средства и методи на денационализација, бугарските органи на власта вовеле и нови.
Никој во НР Бугарија не можел да стапи во брак ако по националност не бил Бугарин.
При замената на личните документи, секому му била определувана национална припадност, се разбира, бугарската. Истото се случувало и при барањето на секој друг документ, извод за раѓање итн.
Македонските просветни работници редовно биле испраќани на служба надвор од границите на Благоевградскиот округ.
Редовна појава била исклучувањето на учениците од училиштата ако изразувале посебен интерес за македонското национално прашање и истакнувале барања за своите национални права, со или без право да го продолжат своето образование, и тоа редовно надвор од границите на пиринскиот крај.
Најдобар пример како се спроведувала новата официална бугарска политика на денационализација во пиринскиот крај ни дава претседателот на општинскиот Народен совет од селото Скрт, Петричко, кој во пописната листа своерачно допишал: „По наредба на Бугарската комунистическа партија, изјавувам дека сум Бугарин.“ Се разбира дека за таа своја „дрскост“ имал тешки последици, лично за него и за неговото семејство.
ВТОРО ИЗДАНИЕ НА “ФИЛЕТИЗЪМ ИЛИ ПРОКЛЯТИЕ - АСПЕКТИ НА ВЕЛИКОБЪЛГАРСКИЯ ШОВИНИЗЪМ”
Отдавна изчерпаната и много търсена книга на доктор Костадин Георгиев “Филетизъм или проклятие - аспекти на великобългарския шовинизъм” предстои да се
появи на пазара. Можете да помогнете за побързото й отпечатване, като се абонирате за новото издание. Цената е 10 лв. Можете да се абонирате в секциите
на ОМО “Илинден” - ПИРИН или в редакцията на в. “Народна воля”.
Предишното издание имаше 537 страници. С излизането й от печат ще бъде прекратена поредицата, публикувана във вестник “Народна воля”.
Тиражът е ограничен, така че абонацията е най-сигурният ви шанс да получите книгата!
Телефон за информации 0898 369 050.
Нашите редовни читатели Ангел Спасов, Ангел Шапков и Ангел Андреев, живеещи в Съединените американски щати, направиха дарения на вестника от по 50
американски долара.
Редакцията на вестника благодари на спомоществователите за патриотичния жест и им пожелава здраве, щастие и дълголетие на тях и на семействата им.