Најголем непријател на Македонија и Македонскиот народ

СОВРЕМЕНИОТ ВРХОВИЗАМ ТРЕБА ДА СЕ КРИТИКУВА

Климент Дејановски
(Продолжува од минатиот број)

Бугарската влада сметала дека обезбедувањето на својата економска и политичка доминација во Македонија, можело да стане само по пат на војна со која османските власници би биле изгонени од Балканот. Во месец октомври 1911 година бугарскиот министер на финансиите Теодор Теодоров, на српскиот амбасадор во Софија Милоевиќ му изјавил дека бугарија ја отфрлува идејата на ВМРО за автономија на Македонија, и дека Бугарија и Србија треба што поскоро да се разберат околу териториите на Македонија односно за тоа кој што ќе добие таму.
Претседателот на бугарското народно собрание Стојан Данев, кој сознавајќи ги целите на македонското ослободително движење отворено признавал: „Бугарија ја објави војната, зашто Македонците беа изгубени за бугарската кауза, бидејќи тргнаа по свој пат“.
Македонскиот народ активно учествувал во Првата Балканска војна и много придонесол за победата на Сојузниците над Турција. При тоа тој не се откажал од своите позиции на борбата за слободна и независна Македонија. Трагичните настани (по Втората Балканска војна) со поробувањето и поделбата на Македонија, санкционирани со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, го предизвикале отпорот на патриотските сили на македонскиот народ, кои ја продолжиле борбата за извојување полна слобода и автономија на Македонија. Раздробен, и по Првата светска војна македонскиот народ останал да се бори против три поробувачки режими, кои со секакви средства се труделе да ја обезличат неговата национална самобитност.
Упорната и континуирана борба на македонскиот народ за своја национална и државна субјективизација, продолжи се до формирањето на посебна македонска држава во 1944 година, односно во 1991 година.
Р. Бугарија беше една од првите држави што ја призна Р. Македонија под нејзиното уставно име. За жал, како рецидив на национал-шовинистичката политика на бугарските влади од минатите децени, таа не ја признава македонската нација и македонскиот литературен јазик. И денес определени бугарски политички и научни кругови ја негираат „македонската историја и култура, како и постоењето на македонскиот народ, Бугарските власти не ги признаваат правата и слободата на Македонците во Пиринска Македонија, и во Р. Бугарија.
По создавањето на слободна и суверена македонска држава во 1991 година, бугарските демократски влади беа принудени да применат кон Македонија нови форми, методи и средства на пропагандна активност, и тоа со основна задача да ја престават Р. Македонија како „втора бугарска држава на Балканот“. Од аспектот на интересите на големобугарската национал-шовинистичка политика кон Р. Македонија, се покажало за потребно да се разформира и Сојузот на македонските културно-просветни дружества во Бугарија и создавањето на т, нар. „ВМРО-БНД“. Извршената реорганизација и промената на името не се ни најмалку случајни. Тие ги покажуваат доволно и отворено, за жал и денес, врховистичките аспирации на Р. Бугарија кон Македонија. Таа организација е добила задача да биде главниот политички фактор за раководење на сите антимакедонски активности во Р. Бугарија, а исто и во Р. Македонија. На чело на оваа врховистичка организација во 1993 г. застанал ултра-шовинистот, Красимир Каракачанов, влах од гр. Русе, агент на Државна сигурност за време на комунистичкиот режим во Бугарија, а исто така и денес. Тој е задоен со патолошка омраза кон Македонија и македонскиот народ.
Искрено се надеваме дека крајно време е владата на Р. Бугарија да му сложи крај на врховизмот во таа земја и да ги признае граѓанските и човековите права на Македонците во Пиринска Македонија, и оние што живејат во внатрешностите на Р. Бугарија. Со тоа ќе бидат создадени и благопријатни политички услови за воспоставување на пријателски добрососедски односи меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија.
Во заклучок вредно е да го подвлечеме и фактот дека македонскиот дух во Пиринска Македонија е жив и никој не може да го уништи. Како што вели поетот, не се гаси тоа што не гасне.

(Крај)