Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Фатос Арапи, добитник на “Златниот венец на поезијата” на Струшките вечери на поезијата
НАРОДИТЕ ОД БАЛКАНОТ ДА ГО ОСТАВАТ МИНАТОТО ЗАД СЕБЕ!
(Преземено од ”Дневник”)


Оптимистички да се погледне кон иднината на творештвото, културата и кон човештвото порачува Фатос Арапи, поет од Албанија,добитник на„Златниот венец на поезијата“ на годинашните Струшки вечери на поезијата. Тој вели дека треба да се следи примерот на поетите кои и во темнината успеваат да видат зрак светлина. Арапи смета дека можеме да се гордееме со македонското поетско творештво.

- Како ја доживувате наградата „Златен венец“?
- Се разбира, среќен сум и почестен што оваа година јас сум поетот што го добива „Златниот венец“. Признанието во себе си носи и посебен вид убавина зашто Македонија е убава држава. Во вакви моменти таа станува убава и во поетска смисла. Кога некој народ успева да собере поети од различни места на едно место за заеднички да го слават творештвото, тогаш тоа јасно зборува за убавината на неговата култура, за неговата земја, за величината на творците што тука создаваат и доаѓаат. Затоа, големо задоволство и среќа е да се биде тука.

ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е СОЛЗА НА ДВЕТЕ ЗЕМЈИ

- Струшките вечери градат мостови меѓу различните култури. Ќе создаде ли поцврсти мостови овој фестивал и меѓу нашата и вашата земја и култура?
- Ние сме два народа кои сме блиски еден со друг. Го имаме Охридското Езеро, кое е како една солза на двете земји и нации. Знаете дека кога солзи едното око, тогаш солзи и другото. Во моменти и на среќа и на тага, кога плаче едното око, истовремено плаче и другото. Едното око не го изневерува другото око. Ние треба да имаме вакви солзи што повеќе, но очите, наместо од тага, да солзат од радост. За поетите не е срамота што им солзат очите кога се радуваат. Доколку ние имаме таква неразделна меѓусебна соработка и разбирање меѓу поезијата во Македонија и поезијата во Албанија, тогаш ќе сфатиме колку се убави човечкиот дух и срце. Убавината на човечкиот дух, на човечкото срце нема крај. Функцијата на поезијата е да навлезе во овој дух, да го расветли, да ги доближи народите.Сите ние на Балканот по бројност сме мали народи, но можеме да направиме голема работа. Ако се здружиме во културата, во поезијата, можеме да направиме еден многу убав, вистински мозаик. Поезијата е таа што ќе го разоткрие човечкиот дух и убавините во него.
- Во градењето на таа комуникација потребно е културите да се познаваат меѓу себе. Колку вие го познавате македонското творештво?
- Македонија има многу големи поети, меѓу кои би ги вброил и Матеја Матевски и Анте Поповски, чие творештво го преведов на албански јазик. Тука би сакал да го спомнам и Гане Тодоровски, а ги има и уште многумина други автори што создаваат вредни стихови. Читам поезија на македонски јазик, но тоа секако не е исто кога се чита творештво што е напишано на мајчиниот јазик. За жал, ниту преку најдобриот превод не е можно да се долови вистинската естетика на зборот што е напишан на друг јазик. Сепак, битно е дека има-те оправ-дување и причина да се гор-деете во светската книжев-ност, заш-то тука имате на-вистина големи творци.
- Какво е денес современото албанско творештво?
- Јас сум во поодминати години, а тоа подразбира дека сум изграден со одредени вкусови и вредности на едно време, на една генерација, а веќе и немам толку енергија и сила да ги следам книжевните текови. Сепак, без разлика на се’, сум оптимист. Отворено кажувам дека нема причина , ниту оправдување зошто да не им се отворат вратите на новите генерации кои надоаѓаат и кои секако ќе не’ надминат и нас. Наша задача е да им го отвориме патот така што со нив ќе го споделиме искуството што го стекнавме во децениите што изминаа. Сепак, тој што е вистински поет, кој сака да стане тоа, треба да вложи голем труд. Точно е кога се вели дека поетот се раѓа. Но само да се роди , не е доволно. Поезијата треба да се создава и да се чита, да се почувствува нејзината душа, ритам, идеја, емоција. Со секоја новопрочитана песна се храни творечкиот и човековиот дух. Додека студирав во Бугарија, јас дури и напамет го учев Христо Ботев и често си го кажував и додека одев по улица. Тоа беше храна за мојот творечки дух и ентузијазам. Таквата храна секогаш треба полека и со големо трпение да се внесува во себе.
- Литературната критика Ве нарече Дон Кихот во албанската култура, литература и општество. Зашто упорно трагате по високите човечки вредности. Се чувствувате ли се’ уште донкихотовски?
- Немам прочитано за себе такво нешто. Сепак, во тој контекст може да се каже дека поетот со својата поезија го предвидува развојот. Тоа е историската мисија на творецот. Заради тоа и Аристотел во свое време рекол дека литературата е многу поинтересна и посериозна од историјата. Литературата ги предвидува нештата. Доколку во позитивна смисла на зборот некој се чувствува како Дон Кихот за перспективата, за развојот, за просперитетот, во тој случај може да се каже дека тоа општество се движи по патот на високите вредности, а со тоа и кон напредок.
Јас сум автор што растел во Албанија, таму сум пораснал, таму сум пишувал, сите идеи што ги имам, добри или лоши, ги имам од тоа место. Поради тоа поетот е поет. Тој ги прикажува и темнините, зашто и темнината има светлина во себе. Се приближува ноќ, но и во неа има светулки. Поетот ги гледа тие зраци и островчиња светлина, ги дофаќа и потоа му ги пренесува на читателот со што му дава надеж дека денот повторно ќе се роди. Многу откритија од големите научници се направени и од ракописите на многу поети. Солзата од човечкото око е солена зашто доаѓа од клетката од морето, односно од водата од која и настанал човекот.

ДУХОВНАТА БОРБА Е ЗАДАЧА НА ПОЕТИТЕ

- Во шеесеттите години од минатиот век почнавте движење во литературата со кое ги кршевте тогашните општествени стеги. Недостигаат ли денес такви пошироки моќни движења?
- Тогаш такво беше времето. Атмосферата што постоеше беше поттик да се придвижиме што побрзо и порешително кон слободата во изразот, во емоциите, во начинот на живеење и размислување. Сепак, за ситуацијата денес, не сум толкав песимист, иако можеби изгледа дека човекот е во тешка ситуација. Хегел, на пример, вели дека историјата оди според логиката на слободата. Така, луѓето секогаш се се’ послободни. Некогаш можеби изгледа дека има диктатура или слични стеги, но човекот секогаш во себе се чувствува слободен. Оваа внатрешна, духовна борба е задача на поетите. Но, не би рекол дека денешната генерација, без разлика дали е во Македонија, во Албанија или на некое друго место, не е како што беше порано. Поет не се станува одеднаш, ниту пак архитект, уметник или музичар. Сепак, нема зошто да се биде песимист. Така, кога станува збор за нашите народи, кои се многу блиски, општа задача на културата, на поезијата пред се’, но и на новата генерација, е да се запознаат едни со други. Ако се запознаете едни со други, ако се почитувате меѓу себе и се љубите меѓу себе, тогаш животот ќе е многу поудобен и попријатен за сите сегашни и следни генерации. Нема оправдување зошто да размислуваме лошо.
- Наслов на една ваша песна е „Ах, да бев приказна една“ - па, доколку бевте приказна, што ќе раскажевте?
- Доколку бев една приказна, доколку бев една мајка, ќе им раскажував приказни на моите деца или на мојот народ, така што луѓето ќе немаа време и желба да прават злодела. Напротив, луѓето ќе беа многу подобри. Сепак, човекот ако сака нешто, тогаш тоа и го постигнува. Јас, конкретно, имам завршено средно трговско училиште, две години завршив виша школа за математика, пет години студирав економија, работев и како педагог, но поезијата никогаш не ја оставив и одев по правецот што таа ми го одредуваше. На новите генерации творци, чија приказна допрва се раскажува, би им кажал само дека животот не е лесен. Тој е точно одреден. И Исус и Мухамед имале еден одреден временски период. Тоа време треба да се искористи сериозно и да се работи напорно. Не се согласувам со ставови и мислења што поддржуваат идеи дека не треба да се работи. Нема тешка работа. Кога се работи за нешто што човекот го сака, тогаш секако тоа си доаѓа на ред во патеката на секојдневјето со кое се соочуваме.
- На Балканот, под влијание на минатото се’ уште се гледа со страв и недоверба кон другиот, кон соседот. Моќни ли сте вие како автори кои „и во темнината гледаат светлина“ да креирате вистински културни мостови меѓу балканските народи?
- Историјата е историја. Таа треба да се исече, да се прекине. Со неа треба да се соочиме како со историја. Треба да се размислува за нова иднина и перспектива. Тоа е многу покорисно и позитивно за прогрес на братство и спојување. Не може веќе малите балкански народи кои толку се изнапатени од самите себеси, се’ уште да се хранат со своето минато. Со историјата треба да се соочиме како со историја и да им ја оставиме на историчарите, зашто тие најдобро знаат да си ја вршат таа работа. Поетите си имаат своја друга задача, односно со своите стихови треба да ја запишуваат и предвидуваат новата историја. Така најдобро ќе ги подготват балканските народи за новите времиња. Но, поезијата е светска, сечовечка и истото тоа важи за секој дел од светот. Историјата треба да остане таму каде што и’ е местото, а иднината е таа што треба да се креира како што се креира една нова песнa.
Врската меѓу поетот и дрвото е сонцето кон кое животот се стреми да стигне. Како што дрвото го пробива мракот од земјата и тргнува кон светлината, така и поетот со својот стих ја следи светлината и во темнината. Ќе засадам дрво со рака, а не со лопата за да ја почувствувам земјата како што ја чувствувам поезијата. Посакувам да порасне пријателството и љубовта меѓу луѓето како што расте ова дрво - рече лауреатот Фатос Арапи вчера во Паркот на поезијата во Струга, каде што засади дрво.

MAKЕДОНИЈА Е ПОЕТСКА РЕПУБЛИКА

Македонија станува поетска република, истакна лауреатот Фатос Арапи вчера во Струга на средба со новинарите. Воодушевен од пречекот што за него завчера беше приреден на граничниот премин Ќафасан, тој рече дека секој поет би се чувствувал почестено и возвишено во земја во која луѓето се радуваат на доаѓањето на книжевен творец. Арапи додаде дека животната мисија на поетите е да ја бараат слободата и да се жртвуваат себеси за неа. Поетот постојано има работа со надворешниот свет, а преку тоа и со власта, но и со самиот себе. Тој треба да е слободен во сопствениот дух, во својата внатрешност, но за да ја чувствуваа таа слобода мора да го собори Цезар, да ги собори стегите што му ги наметнуваат власта и идеологиите. Поетите и нивното творештво е посилно од секоја власт и историја. Ако ја прочитате историјата, ќе видите дека сите диктатори и големи водачи сакале да станат поети. Тоа го посакувале и Цезар и Александар Велики. Биле свесни дека поетот е бесмртен, вели Арапи.

Не може веќе малите балкански народи, кои се толку напатени од самите себе, сеуште да се хранат со своето минато - тоа треба да им се остави на историчарите, а поетите и творците имаат задача да изградат нови културни мостови.

ТОШЕ ОГЊАНОВ

Врати се назад   Врати се горе
   НАРОДНА ВОЛЈА
ДА ПОГЛЕДНЕМ ИСТИНАТА В ОЧИТЕ
Читај
“АЗ СЛУШАХ РАЗКАЗИТЕ НА БАБИТЕ И ДЕДОВЦИТЕ СИ И ТЕ МЕ ЗАПАЛИХА ЗА МАКЕДОНИЯ”
Читај
СРЕДБА СО ПРЕМИЕРОТ НА РЕПУБЛИКА МАЛТА, Г. ЏОЗЕФ МУСКАТ
Читај
ОБРАЌАЊЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ПРВАТА НАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И МЕДИЕВИСТИКА
Читај
ЖИТЕЙСКИЯТ КРАЙ НА ЕДИН СВЕТЪЛ И ВЪЗВИШЕН ПЪТ
Читај



ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2018 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting