Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Владимир Солоцињски, руски амбасадор во Македонија
ЗА МЕСТО ПОД СОНЦЕТО ТРЕБА ДА СЕ БОРИТЕ САМИ
(Преземено од МИМ)


Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Владимир Солоцињски, деновиве е меѓу поекспонираните личности во земјава, поради настаните во и околу Јужна Осетија. Сепак Неговата Екселенција, прифати интервју за „Кирилица“ во кое разговаравме за повеќе прашања. Солоцињски им сугерира поголема агресивност на македонските компании во освојувањето на рускиот пазар. Состојбите во светот се такви, никој не ве кани, местото под сонцето треба да си го најдете сами, советува рускиот дипломат. Солоцињски ја повтори принципиелната позиција на официјален Кремљ, за употреба на нашето уставно име.
Kако ги оценувате севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација, секако тука мислам на нивната политичка, економска и културна димензија?
- Политичките односи меѓу Русија и Македонија, постојано се развиваат. Раководствата контактираат. Минатата година во Загреб се сретнаа Црвенковски и тогашниот руски претседател Путин. Оваа година во рамки на економскиот самит во Санкт Петерзбург вашиот претседател се сретна со претседателот Медведев. Тука би ги споменал и контактите меѓу Министерствата за надворешни работи. Значи, политичките односи се развиваат и во нив нема отворени прашања и нема идеолошка разногласност. Што се однесува до економските показатели, еднаш сме втора еднаш сме трета земја по нивото на странски инвестиции во вашата земја. Трговската размена минатата година изнесуваше 600 милиони долари, а годинава оваа бројка е достигната само за првото шестмесечје, па со право можам да заклучам дека до крајот на годината, можно е трговската размена да надмине една милијарда долари. Овој пораст се објаснува не само поради растот на трговијата, туку и поради падот на американскиот долар и порастот на цените на енергенсите. Оваа тенденција не ја сметам за добра. Знаеме дека економијата треба да се подобрува. Македонскиот извоз во Русија не е голем и треба да се подобри. Културните односи се добри. Следев неколку вечери на Охридско културно лето, каде настапија неколку руски ансамбли и групи, но ние би сакале и македонските да одат во Москва и да се презентираат. Во овој дел би завршил со оценката дека има простор за развој на односите. Ние сме подготвени и ќе се залагаме за тоа и истото го очекуваме од македонските власти.
- Во една пригода изјавивте дека нивото на руските инвестиции во Македонија, ни оддалеку не го отсликува потенцијалот на руската економија. Тогаш што е причината за ниското ниво на инвестиции, и дали се соочувате со некакви проблеми овде, или едноставно се е до интересот за вложување во Македонија?
- Како секогаш и за се, и тука има објективни и субјективни причини. Во објективните, би ја споменал димензијата на македонскиот пазар. Знаете многу е тешко да се зборува за Македонија со 2 милиони граѓани. Во субјективните, би ги споменал оние за кои зборуваат сите странски инвеститори: Подобрување на инвестициската клима (знаеме дека Владата и премиерот Груевски се залагаат за подобрување на економската клима и има некакви успеси). Сакам да кажам дека нема политички пречки за руските инвестиции во Македонија, и се надевам дека нема такви пречки и од ваша страна. Знаете процентот на приватизација во Русија е поголем од приватизациите во Германија и во Велика Британија. Основен двигател на руската економија се приватните компании и ние не можеме да им диктираме каде да го вложуваат својот капитал. Друг е случајот со американската економија, зашто таму има систем на казнени мерки. Во Русија нема таков систем. Улогата на руската држава е да и препорача и да ја извести некоја компанија, која сака да инвестира во странство, какви се таму безбедносните и внатрешнополитичките услови.
- Што според Вас е причината што Македонија слабо извезува во Русија?
- Би сакале македонските компании поактивно да учествуваат на рускиот пазар. Но, за жал, многу компании тука чекаат некој да им дојде и да ги покани. На рускиот пазар се присутни сите поголеми светски компании, конкуренцијата е голема. На пример, со автомобилската индустрија ја претркавме и Германија. Во Русија има 24 странски авто-компании. Има жестока конкуренција. Но интересот за македонските производи во Русија, би бил околу храната и виното. На рускиот пазар има елитни вински марки од Франција, но и поевтини од Африка и од Чиле. Во Русија се продава и македонско вино, и јас лично сум купувал. Но, за жал го нема во доволни количини. Како објективни причини за тоа би ги споменал, во Македонија се произведува мало количество вино и финансиската слабост на винските компании, кои за разлика од сите други кои се присутни на рускиот пазар, бараат да им се плати однапред. Има проблеми и со банкарскиот сектор, за да се развива трговијата меѓу двете земји треба да има банкарски систем. Во Македонија нема банка која би извршила директно исплаќање со Русија. Во Македонија нема оддел на некоја руска банка, и обратно во Русија нема оддел на некоја македонска банка. Ова ги намалува можностите за кредит, и го поскапува и го комплицира плаќањето, на трети лица им дава можност да заработат, и ја намалува конкурентната способност. Единствен услов за да се надмине тоа е да се формира Руско-Македонска банка. Ова е едно од нерешените прашања. Има и други, но ќе треба да зборувам уште долго.
До каде е работата со исплаќањето на рускиот клириншки долг кон Македонија. Околу што и каде запнаа работите?
- Пред две години, е постигната спогодбата за тоа, која е и потпишана. Потоа македонската страна побара да се зголеми сумата на долгот. Сега таа изнесува 60 милиони долари. Ние го прифативме тоа, зашто за Русија се тоа мали пари, и сега чекаме одговор од Македонска страна. Но овде имаше некои проблеми, имаше предвремени избори. И тука би рекол дека има објективни и субјективни причини. По малку на шега но ќе кажам Македонија остана единствена земја на која Русија не и се оддолжила. Инаку кон сите земји Русија го има подмирено долгот. Но,тоа зависи од вас.
- Русија направи бум со привлекување на странските инвестиции, како Македонија да го направи тоа?
Директните руски инвестиции во Македонија не се големи, за разлика од Бугарија и Грција. Кога нема кај вас, тогаш им давате можност за заработка на другите. Не би сакал да ја обвинам владата за тоа. Во овие држави има определен економски систем, има продавачи и купувачи, и секој си го држи своето место. Светот е таков, никој нема да те кани. За местото под сонцето треба секој да се бори сам, и би сакал да видам поголема активност на македонските компании. Гледате ли како агресивно се однесуваат западните компании во Русија.
- Како гледате на проблемот што Грција ни го наметнува години наназад со името на нашата држава?
- Ние ја признаваме Македонија со уставното име од самиот почеток на воспоставување на дипломатските односи. И сите билатерални документи ги потпишуваме со вашето уставно име. За ова прашање би рекол дека е билатерално меѓу Македонија и Грција, и прашање што треба да го решаваат двете земји. Уште еднаш ќе повторам дека меѓу Русија и Македонија нема отворени прашања. Ќе го почитуваме она решение кое ќе го договорат двете страни и што ќе биде прифатливо за Македонија.
- Колку цените дека овој проблем има реална основа?
- Проблемот е реален ако, како во случајов, ги комплицира односите меѓу двете земји. Ние не планираме да учествуваме во решавањето на овој проблем. Ова е билатерално прашање меѓу Македонија и Грција. А, Русија и со вас и со Грција нема отворени прашања.
- Велите билатерално прашање. Но, би споменала дека само заради тоа Македонија не доби покана од НАТО, што значи прашањето се интернаци-онализира?
- Но, тоа е проблем на НАТО, не на Русија. И ние сме против проширувањето на НАТО во било каков вид. НАТО е инструмент на Ладната војна, против Русија. Сега живееме во друго време, кога на Русија и на Западот им се закануваат други опасности како што е меѓународниот тероризам. И НАТО нема инструменти да ги реши овие прашања, сами го признаваат тоа. Русија им помага на САД во Авганистан. Но, точно е тоа дека Вашингтон го користи НАТО како инструмент за притисок врз Русија.
- Дали и последните случувања во Јужна Осетија, ги оценувате за една од тие форми на притисок. Ако се знае блискоста на Грузија со САД?
- Грузискиот претседател со сила сака да ги држи Абхазија и Јужна Осетија, под свое, а во историјата никогаш не биле под Грузија. Прашањето на безбедносното опстојување на Абхазија и на Јужна Осетија, е договорено да се дискутираат подоцна. Сега сме на самиот почеток. Русија нема што да преговара со Грузија. Напорите на меѓународната заедница се Грузија да преговара со Јужна Осетија. Во тој процес можно е вклучување и на Русија и на други западни земји. Крајот на воените дејствија, не значи и крај за проблемите, сега претстои политичко регулирање на проблемот а за тоа некогаш се потребни многу години.
- Кога ќе стапи на сила неодамна-потпишаната спогодба за визно олеснување на македонските државјани во Русија?
- Потребно е спогодбата да се ратификува од ваша страна, од страна на Македонското собрание, а кога тоа ќе се направи, да ја потпише претседателот. Тогаш спогодбата стапува на сила. Истото се однесува и за враќање на клириншкиот долг, ние чекаме дејствија од македонска страна.
- Дали македонските граѓани наскоро, да се надеваат на целосна либерализација на визниот режим од страна на Русија?
- Ова е комплексно прашање и работата, не е само во Русија. Македонија сака да биде членка на ЕУ со што ќе влезе во Шенген зоната, и со тоа повторно прашањето зависи од ваша, односно од македонска страна. Ние имаме слични договори со земјите на ЕУ. Значи, и овде станува збор за прашања на кои треба да дејствуваме, со други зборови имаме многу работа.

Врати се назад   Врати се горе
   НАРОДНА ВОЛЈА
ДА ПОГЛЕДНЕМ ИСТИНАТА В ОЧИТЕ
Читај
“АЗ СЛУШАХ РАЗКАЗИТЕ НА БАБИТЕ И ДЕДОВЦИТЕ СИ И ТЕ МЕ ЗАПАЛИХА ЗА МАКЕДОНИЯ”
Читај
ПОЗИЦИЈА НА ОМО „ИЛИНДЕН“ - ПИРИН ВО ВРСКА СО РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Читај
НАШАТА ГЕНЕРАЦИЈА Е ОБВРЗАНА ДА ГО ЗАЧУВА ЗАВЕТОТ ОД ПРЕДЦИТЕ И ДА ИМ ГО ПРЕДАДЕ НА ПОТОМЦИТЕ
Читај
ЗАСЕДАНИЕ НА ЦЕНТРАЛНИЯ СЪВЕТ НА ОМО „Илинден“ - ПИРИН
Читај



ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2018 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting