Од историјата на пиринскиот дел на Македонија
БОРБАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ЗА НАЦИОНАЛНИ ПРАВА НИКОГАШ НЕ ЗАПИРАЛА
Д-р Васил Јотевски
(Продолжува од минатиот број)



Силниот заман на акти-вностите, самозадоволството од постигнатото што се појавило кај некои од раководителите, како и некритичкиот однос при приемот на нови членови во редовите на Организацијата, биле основните причини што довеле до нејзиното откривање и до апсење на нејзините најактивни членови и раководители. Провалата на Организацијата и апсењата настанале кон крајот на октомври и во почетокот на ноември 1973 година. Во ист ден, на 5 ноември 1973 година, во Петрич, Софија и Разлог биле уапсени Сократ Маркилов, Пандо Илиев и Стојан Георгиев - Томовичин. Нешто подоцна биле уапсени: Илија Кочев, Тодор Цаканделов, Ѓорги Дунгалов, Иван Тимчев и многу други. Во истражната постапка биле покренати обвиненијата против осум души.
Според сите досегашни сознанија, употребата на средновековните инквизициски методи на мачења што биле применувани за време на истражната постапка на полицијата, претставувала најстрашниот период за уапсените. Истражната постапка против Сократ Маркилов се водела во Благоевград, а потоа продолжила во Софија и во затворот кај Белене на островот Персин на Дунав. За него С. Маркилов си споменува:
„Јас не сум ни сонувал каде е Белене. И таму гнасотии што сум гледал не се за споменување, а не за говорење. Жив човек сум гледал како го закопуваат во калта зимно време. Студ, студ. Со лисја да се покриваш и да спиеш надвор. Таму затворениците што се во затворот се привилегирани. Од таму нема каде да се бега. Едно момче се обиде, го убија. Кој што сака може да направи со тебе, дури и самите затвореници меѓу себе се тероризираат.“
Илија Кочев, за истражната постапка што се водела во Петрич, си споменува: „Началникот Михалчев ми се обрати со зборовите ’Вашата глава Илија е полна со кал и тиња, знаете ли дека секој што сака да касне парче месо од Бугарија му се зема дел од телото или животот’.
И навистина, едно парче од неговото тело му било земено при испитувањето во Софија. При секое поставено прашање од страна на истражниот судија Димитар Сошев, Кочев бил удиран со рачката од револверот по слепочницата, при што му истекло левото око. Ништо полесно не поминале ниту другите уапсени членови на Организацијата.
По завршувањето на истражната постапка, за 4 јуни 1974 година бил закажан судскиот процес, којшто требало да се одржи во Софија. Меѓутоа, плашејќи се од меѓународната јавност, бугарските судски органи решиле судскиот процес да се одржи во Благоевград. Но не во градот. Процесот бил организиран и се одржал во просториите на една од салите на Трудовокооперативното земјоделско стопанство (ТКЗС), односно во Машинско-тракторската станција (МТС). Самиот судски процес бил затворен за јавноста. Присуство на судењето им било дозволено само на мал број најблиски роднини. Сите членови на Независната македонска организација „Илинден“ биле обвинети по член 109, ал. 1 и по член 108 и член 20, ал. 2 и член 54 од Кривичниот закон, за ширење на клеветничка пропаганда и за загрозување на безбедноста и териториалниот интегритет на НР Бугарија.
На ниту едно место и кај ниту еден од обвинетите не била прибележана неговата национална припадност. Во ниту еден документ од судскиот процес не било забележано дека обвинетите се организирале во организација преку чиј статут и програма се бореле за своите македонски национални и човечки права.
На самиот судски процес биле повикани како сведоци 68 души. По искажувањата на сведоците, изнесувањето на обвинителниот акт и одбраната, биле донесени пресудите. Според чл. 23 од Кривичниот закон, Сократ Маркилов, Пандо Илиев и Иван Тимчев биле осудени на пет години строг затвор, Илија Кочев и Стојан Георгиев на четири, еден бил осуден на три, еден на две и еден на една година. Со апсењето и по пресудите на најистакнатите членови на Независната македонска организација „Илинден“ не престанала борбата на Македонците од пиринскиот дел на Македонија. Најдобри докази за тоа ни нудат судските процеси што биле водени против нив. Само две години потоа, во 1976 година биле обвинети и осудени Кирил Панчев и Јордан Костадинов Иванов. По издржувањето на затворската казна, во 1980 година Јордан Костадинов бил повторно осуден на две годинои затвор. Над стотици Македонци, кои при пописите од 1965 и 1975 година s# уште не сакале да се запишат како Бугари, биле одведени во логори или интернирани од пиринскиот крај во северните делови на Бугарија.
Имало и случаи кога бугарските власти преземале репресивни мерки и против некои истакнати Македонци што учествувале во антифашистичката борба а кои по резолуцијата на Информбирото од јуни 1948 година се определиле за резолуцијата и новата бугарска политика. Најдобар пример е оној со командантот на Петричкиот партизански одред „Андон Попов“, Мирчо Разбојников. Имено, според искажувањата на Живко Ортодокс Сотириу, кој долги години поминал во бугарските социјалистички логори и затвори, како резултат на активноста и подоцнежното откривање на членовите на Независната македонска организација „Илинден“, Мирчо Разбојников бил обвинет заради неговата „небудност“ во однос на „македонското прашање“ и бил отстранет од своето работно место, управник на библиотеката при Централниот комитет на Отечествениот фронт.
Долгите години поминати во бугарските затвори и логори за Македонците од пиринскиот крај претставувале не само школа туку универзитет. Таму тие меѓу себе добро се запознавале и ги зацврстиле своите идејни определби. Дружејки се со блиски истомисленици по својата судбина, Турци, Роми, Ерменци, заради својот непокор и борба за своите национални права како Македонци, тие биле мошне почитувани од страна на затворениците и логорниците. Својата љубов и почит кон својата татковина и својот народ, македонските затвореници и логорници најпластично ја изразувале со тетовирање на своето тело. Најчести тетоважи биле ликовите на Гоце Делчев, Даме Груев и други истакнати македонски револуционери, како и картата на Македонија во нејзините природни географски и етнички граници.
По излегувањето од затвор, без исклучок, сите се приклучиле кон ново-формираните македонски организации во Бугарија, кои ја продолжиле борбата за националните права на Македонците во тој дел на Македонија. Борбата на Македонците во пиринскиот дел на Македонија за своите национални права, во малку изменети меѓународни околности и услови, продолжува и во денешни дни. Со тоа Македонците во пиринскиот крај уште еднаш потврдуваат дека таму, на тоа парче македонска земја, опстојувале и ќе постојат за вечни времиња.


11. Пописите - противник на бугарските негирања на Makедонците во Бугарија
Како што видовме, според пописите на населението од 1946 и 1956 година, националниот состав на населението во Пиринскиот дел на Македонија ја имал следнава народносна боја: за 1946 година, 63,70% биле Македонци, православни христијани, 11,47% Македонци со муслиманска религија или помаци, 21,58% Бугари и околу 3,25% други народности. За 1956 година, Македонците со православна вероисповед претставувале 63,6%, Бугарите 33,3% и 0,1% други.
На каков начин се зголемил процентот на бугарското население во пиринскиот крај за десетте години од 1946 до 1956 година веќе кажавме. Меѓутоа, тоа што се случило за време на пописот во 1965 и посебно при пописите во 1975 и 1985 година го заслужува нашето внимание па треба да се задржиме малку повеќе на тоа прашање.
За време на пописот на населението на НР Бугарија од 1965 година се случил статистички геноцид над Македонците, православни христијани. Од вкупниот број на населението во НР Бугарија, 8 227 866 лица, како Македонци биле евиденти рани само 8 750, и тоа само во пиринскиот крај. Но тоа не е s#. Бидејќи показателите од претходните пописи на населението не упатуваат на сомневање дека пописот од 1965 година бил направен со употреба на репресивни мерки и со едноставно бришење на Македонците, некои западни „историчари“ го поставуваат прашањето за употребата на репресивните мерки токму при претходните пописи од 1946 и 1956 година! Сепак, тие констатираат и дека; „Меѓутоа, познавајќи го дејствувањето на милицијата и државната безбедност во Бугарија, беше малку веројатно дека ако Министерството за внатрешни работи навистина го планирало ’геноцидот’, тешко би имало 8 750 непоправливи Македонци кои би имале граѓанска храброст официјално да се искажат како такви“. Според нив, репресии биле вршени при пописите од 1946 и 1956 година, а не при пописот од 1965 година. Ако господата од запад, „познавајќи“ го дејствувањето на бугарската полиција се сомневаат во храброста на 8 750 Македонци, над кои „не биле вршени репресалии“, тогаш, како е можно да не си го постават истото прашање за храброста на одделните народности кои при пописите од 1946 и 1956 година, „кога биле вршени репресии“, 54 424 лица се изјасниле како Бугари, 28 927 како помаци, 4 615 како Цигани, 3 156 како Турци итн.? Но, без да сугерираме некој наш заклучок, уверени сме дека секој објективен читател, кога ќе ги спореди добиените резултати од пописите во НР Бугарија и процентуалната застапеност на другите народности што живееле и живеат во Бугарија, ќе дојде до нивната вистинска застапеност. За да го олесниме приодот до таквиот заклучок, ке се повикаме повторно на бугарските статистички податоци. Имено, ако во НР Бугарија, според податоците од пописите во 1946 и 1956 година, процентот на населението во пиринскиот крај претставувал 3,59 од вкупниот број на населението во НР Бугарија, а во 1956 година тој процент приближно се задржал и изнесувал 3, 68, а од него 2,28% (1946 година) или 2,34% (1956 година) биле Македонци православни христијани, и ако го задржиме истиот принцип кај обработката на пописите во 1965, 1975 и 1985 година, лесно се заклучува дека од вкупниот број жители во пиринскиот крај во 1965 година, кој изнесувал 301 392, процентот во однос на населението во НР Бугарија е одржан на границата од 3,67. Тогаш од тој број 64% биле Македонци, а нивниот број, земајќи го предвид високиот процент на раѓање во однос на другите делови на Бугарија, во најмала рака би изнесувал 193 170 лица, што би претставувале 2,55% од вкупниот број на жители во НР Бугарија.
Со пописот од 1975 година, владејачката гарнитура во НР Бугарија си поставила за цел да формира таканаречена „социјалистичка нација“, при што од формуларите ја избришале графата за националната припадност на граѓаните на НР Бугарија. Но, да се задржиме на истиот принцип при обработка на статистичките податоци. Резултатите од пописот извршен во 1975 година, според истите параметри би изгледале приближно вака: вкупниот број жители во НР Бугарија изнесувал 8 727 771, во пиринскиот крај живееле 3,69%, или 322 139 жители. Ако од нив, во споредба со жителите на Бугарија 2,66% биле Македонци, тогаш нивната бројка би изнесувала 204 760 или 63,50% од вкупниот број жители во пиринскиот крај.
При пописот од 1985 година, бугарските органи на власта ја презеле акцијата за промена на имињата на нејзините граќани со муслиманска вероисповед, по националност Турци и други. Но и покрај сите настојувања, ако го употребиме истиот принцип на обработка на добиените резултати, ги добиваме следните резултати: во 1985 година, НР Бугарија имало 8 942 976 жители. Ако од нив во пиринскиот крај живееле 344 195, тие претставувале 3,85% од вкупниот број на жители во НР Бугарија, што се совпаѓа со процентот од претходните пописи. Применувајќи ја истата метода при обработката, ќе дојдеме до заклучокот дека 64% или 220 284 биле Македонци, православни христијани.
И покрај тоа што навидум се чини дека излеговме од рамките на нашата основна тема, овие наши укажувања сакаме да ги потврдиме со уште едни статистички податоци од НР Бугарија. Нив ќе ги понудиме само како голи факти и без никакви сугестии.
По промените што настанаа во Народна, односно Република Бугарија по ноември 1989 година, во 1991 година беше направен попис на населението и резултатите од тој попис беа објавени во 1992 година. Согласно промените, при тој попис беа евидентирани сите припадници на народносните групи што живееле во бугарската држава: Бугари, Турци, Цигани, Татари, Евреи, Ерменци, Черкези, Гагаузи, Албанци, Арапи, Англичани, Виетнамци, Грци, Курди, Пољаци, Руси, Словаци, Словенци, Украинци, Унгарци, Французи, Чеси, Срби, Хрвати итн.
Нивниот број приближно изледа вака: Бугари 7 271 185, Турци 800 052. Цигани 313 398, Руси 17 139, Ерменци 13 677, а другите се по десет илјади. За одбележување е дека кај другите, чиј број изнесува 16 288, како Македонци се запишани 10 803 лица, што според нивната определба и бројност би требало да бидат забележани на шестото место. Но нив ги нема ниту во списокот од тридесетте (30) народности и национални малцинства што живеат во Република Бугарија.
Од посебно значење преставуваат резултатите од последниот попис што се изврши во Република Бугарија, во 2001 година. Во него е забележна и присустноста на помаците во листата на одделните народносни припадници. Наспроти пописот од 1991 година, во кои помаците влегоа во составот на графата за турската национална припадност, во овој попис од 2001 година тие се обележани како помаци во пиринскиот крај. Нивниот процент изнесува 10,2 и приближно одговара на бројот, односно, на процентот од пописот што бил извршен во далечната 1946 година. Сето тоа ни влева надеж дека во следните пописи ќе се најде место и за македонската национална припадност.

Врати се назад   Врати се горе