|
Срам! |
БУГАРИЈА СО ГРЧКА ПОЛИТИКА
|
Слободанка Јовановска |
|
Словенечкиот европарламентарец Јелко Кацин побара од лидерите на Европската унија да го разгледаат признавањето на Македонија под уставното име, ако и во текот на оваа година не се најде компромисно решение за спорот меѓу нашата земја и Грција. Ваквото барање Кацин го внесе во амандманот на извештајот на Ерик Мејер, кој од декември е во процедура во Европскиот парламент, и во кој известувачот веќе побара да се реши спорот според октомврискиот предлог на Метју Нимиц - Северна Македонија. Иако шансите да помине ваквото барање на Кацин (па и на Мејер) се мали, ова е првпат по едногласниот притисок врз Македонија да преговара, да се оди натаму и да се бара излез од ситуацијата со отфрлање на грчката блокада.
Европарламентарците наклонети на Македонија, всушност, почнаа политичка офанзива, а со цел да го наметнат ставот во Парламентот дека тој предлог на Нимиц не е во игра, бидејќи го отфрли и едната и другата страна, па генерално името не смее да биде пречка за интеграцијата на Македонија. Според нив, отворените билатерални прашања не треба да го опструираат европскиот процес на балканските земји, дека името на државата не може да биде дел од копенхашките критериуми, дека Привремената спогодба се’ уште е во сила и дека, според Марчело Вернола, секоја земја има право да си го избира сопственото име. Од понеутралните, Јозеф Пиниор и Ханес Свобода побараа „билатералните прашања да не бидат пречка за евроинтеграцијата, но сепак Македонија и владите во соседните земји да ги решат прашањата експедитивно“.
Грчките позиции ги бранеше Марија Елени Копа која со неколку амандмана побара ригорозно почитување на условите за да и’ се даде датум на Македонија, при што ги нагласи добрососедските односи како суштински елемент. Иако Македонија во ланскиот извештај на Мејер ја доби „битката“ над Грција во спорот околу името, а доби и препорака за давање датум за преговори со ЕУ, на крајот ставот за името беше сосема сменет, а во најновиот извештај Мејер нагласи дека го бара повторно тоа што за Македонија го побара лани.
Без оглед што Европскиот парламент нема сила да им наметне одлуки на европските лидери, амандманската битка околу извештајот, сепак, го рефлектира расположението во Брисел, а овој пат и тенденциите на одредени политички групи или земји во однос на ЕУ- амбициите на Македонија.
И додека Грција годинава влегува во сенка, бидејќи својата работа ја заврши на повисоко ниво, бугарските парламентарци најавуваат агресивна агенда која има за цел да ја направи нашата кандидатура заложник и на Софија, не само на Атина. Она што се најавуваше минатата година срамежливо низ два-три амандмана, годинава е лавина од бугарски барања за дополнување на извештајот на Мајер, со кои бугарските парламентарци бараат ревидирање на историјата, запирање на негативната реторика од Македонија, притисок за решавање на отворените прашања, изградба на Коридорот 8, па и заштита од ЕУ на малтретирањата и тепањата на Бугарите во Македонија.
„Се забележува со тревога дека БЈРМ продолжува со дискриминацијата на граѓаните со бугарско самоопределување, со заплашувања, отпуштања, психички тортури, попречување на правото на слободно здружување, како и други незаконски акции преземени од властите“, стои во амандманот на Димитар Стојанов, кој практично ја обвини нашата Влада за иста кампања каква што ние гледаме со години наназад во Бугарија. Тој, исто така, предлага амандман со кој се оценува како неприфатливо „физичкото насилство врз бугарските и македонски граѓани со бугарско определување во Скопје на 13 јануари 2007 година, и други насилства направени од граничните власти и македонската полиција“, а на крајот и уништувањата на бугарските споменици што, исто така, според него, се охрабрува од македонската Влада, а во повеќе случаи и е заштитено од неа. Николај Младенов оди уште натаму, па бара Македонија заедно со соседните земји да ги преиспита можните „дискрепанции и неточни интерпретации на историјата кои можат да предизвикаат недоразбирања, и заеднички да ги прославува заедничките културни и историски наследства со соседите“. Младенов бара, исто така, да се искаже загриженост на ЕП поради говорот на омраза во медиумите и во образовниот систем на Македонија во однос на соседните земји, и од тој аспект земјата да се приспособи на европските стандарди. Евгениј Кирилов бара да се изрази жалење на ЕП што се’ уште нема билатерална заедничка комисија за историјата и образованието меѓу Македонија и Грција и Македонија и Бугарија, иако втората никој не ја договорил ниту ја прифатил досега. На Младенов му пречело името Македонска православна црква во извештајот, па бара да се употреби зборот православно христијанство, а генерално тој ги промовира како проблематични и односите на Македонија со Бугарија, барајќи и со оваа земја, како и со Грција, да ги решиме отворените прашања и да воспоставиме добрососедски односи, што е на линија на фалењата на бугарските функционери во Брисел дека рампата на македонскиот датум во ЕУ е и нивна заслуга, а не само грчка. Минатогодишните бугарски притисоци се вртеа околу историската комисија, но беа повлечени откако се побара таа да има мандат и врз Бугарија, а не само врз Македонија, така што годинава очигледно Софија игра на грчката варијанта, бидејќи се покажа веќе како ефективна во Унијата.
Генерално, повеќето европарламентарци бараат годинава да нема одлагање во датумот за преговори за Македонија, бидејќи тоа може да ја дестабилизира и неа и регионот, па и да се забрза тој процес, бидејќи земјата исполнила многу од условите. Еден од нив побара преговорите да почнат за време на мандатот на овој парламент (до јуни), бидејќи ситуацијата сега е неодржлива, демотивирачка и мора да престане. Силна е поддршката и за укинување на визите, со барање таа пречка за македонските граѓани да се укине што е можно побрзо, во текот на годинава.
Покрај разбирливите грчки амандмани со кои се тврди дека Македонија треба уште многу да направи за да добие позитивна оцена од Унијата. Владата со амандманите доби една реална шлаканица, и тоа од наклонетите европарламентарци од групата на Зелените. Тие, имено, жалат „за зголемениот притисок врз медиумите од страна на властите, особено за време на изборната кампања“ и повикуваат на заштита на независното новинарство во земјата.
|
|
|
|
|
|
|
НАРОДНА ВОЛЈА
|
|
|
|
|
Глас од времето на окупацијата |
|
МАКЕДОНСКА ПЕСНА |
I.
Горо ле, горо жалосна,
Горо ле Пирин планино,
Имаш ли вода студена,
Водица да се напијам,
Ропска ми душа да оладиш,
Тагата да ми олесни!
II.
Горо ле, горо зелена,
Горо ле Пирин планино,
Имаш ли сенка ладовна,
Да седнам да се одморам,
Маките да ти прикажам,
Мои ропски маки-твои маки!
III.
Мома сум горо робинка,
Робинка мома Македонка,
Пиринска мома-егејска,
Како ме мајка родила,
Сонце не сум видела,
Ни бело, горо видело.
Ропство ми младост поцрни,
Тага ми душа помрачи,
Солза ми очи ослепи!
Туѓо ми име натуре,
Бугарско име татарско.
IV.
Горо ле пирин планино,
Горо ле мајко жалосна,
Учи ме горо разумно,
Од дома душман да истерам,
Така слобода да остварам
За мојот народ поробен.
V.
Пиринка гора зелена,
Жалосни солзи пророна,
И гласно на мома прозбори:
“девојка моја , Македонко
Девојка калеш-убава
Земи си пушка на рамо
На рамо пушка шмајзерка,
Опаши нагант револвер,
Развиј си знаме црвено,
Селанско знаме работничко
Црвено знаме вардарско,
Дојди си моме при мене,
Затруби туба борбена,
Борбена труба партизанска,
Нека се народ разбуди
Во цела земја македонска,
Борба на душман да отвори
Јуначка борба да оствари
За македонска слобода“.
РИСТЕ СПАСЕСКИ - Даскалот - Македонски
С. Тополчани 1943г.
|
|
|
|
|
|
|