Македонија достави дебело досие во Хаг

ГРЦИЈА НА СУД

(Преземено од МИМ)

Амбасадорот Никола Димитров на 20 jули во Хаг ги предаде доказите на Македонија околу прекршувањето на Привремената спогодба за спорот за името од страна на Грција, со што практично почна судскиот процес за кој моментно не е извесно како ќе се одвива и која е можната завршница.
Колку страници и со какви аргументи беше дебелото досие - Димитров не сакаше да прецизира поради правилата на Хашкиот суд деталите да останат далеку од јавноста. Она што се потврди е дека материјалот е обемен и е резултат на шестмесечното работење со тимот странски адвокати и дека тој веднаш ќе и’ биде доставен на Атина за да ја подготви одбраната.
Грчката влада на нашиот документ, официјално меморандум, треба да одговори наредните шест месеци, па во Судот не сакаа да навестуваат како ќе тече натаму постапката, бидејќи се можни сите опции, па и таа Грција да не прифати да биде дел од постапката. Сепак, таков развој не се очекува, со оглед на засилувањето на дипломатските капацитети во Хаг што почна од страна на Атина, која очигледно се подготвува сериозно за овој процес откако веќе двапати во историјата водеше спорови во Хаг и двата не ги доби.
По предавањето на документот, Димитров изјави дека рокот што го доби Грција да се изјасни со контрамеморандум е 20 јануари идната година, по што ќе уследи уште една консултација со двете страни како да продолжи постапката.
Како што е познато, со Привремената спогодба е отворен пат за поведување судска постапка околу нејзината примена во Хаг, но само ако предмет на расправа не е директно името на државата. Неофицијално, процените во Хаг се дека се можни неколку исходи од процесот, од тоа дека двете земји ја прекршиле спогодбата и се повикуваат да ја спроведуваат, па до тоа дека Атина е таа што не се држела до нејзините одредби, па се повикува да го стори тоа, односно да дозволи прием на Македонија во НАТО со референцата БЈРМ. Можноста Хашкиот суд да ја прогласи Привремената спогодба за неважечка се исклучува, бидејќи Судот нема таква надлежност врз неа.
Амбасадорот Димитров не сакаше да коментира што ќе се случи ако Македонија го добие спорот во Хаг, а во меѓувреме го смени името на државата. Според него, моментно е непродуктивно за државните интереси да се коментира таквата опција.
Инаку, предавањето на доказите помина речиси анонимно поради отсуството на новинарите и од македонска и од грчка страна, иако станува збор за најважниот судски процес во Хаг за нас, па и за Атина.
Македонија го покрена спорот во ноември минатата година поради тоа што Грција ја прекрши Времената спогодба од 1995, со тоа што го блокираше влезот на земјава во НАТО. На самитот на Алијансата во Букурешт минатата година, во април, покана од трите земји од Јадранската група не доби само Македонија, тие беа упатени само до Хрватска и Албанија и покрај тоа што земјава ги има исполнето сите критериуми.
Во меѓувреме продолжуваат преговорите за името со посредство на Метју Нимиц. За време на посетата на Скопје и Атина, Нимиц претстави модифициран предлог во чија основа е името Република Северна Македонија. Одговорот од македонска страна, како што најави претседателот Ѓорге Иванов ќе следи до крајот на август.
Грчкиот преговарач во спорот меѓу Атина и Скопје, на 19 јули ги информираше амбасадорите на земјите-членки на Европската унија и на НАТО во Грција за текот на преговорите во спорот за името, објавија грчките медиуми.

Врати се на претходната страница   Врати се горе