Расказ

РАСИПАНИОТ СЕМАФОР

Мишо Јузмески

Во главниот крајморски град владееше ужасен неред. Луѓето ги преминуваа улиците на недозволен начин и предизвикуваа бројни расправии со вознемирените возачи, а чести беа и несреЌите со смртоносен крај. Трговците ги отвораа и затвораа своите продавници според личното расположение на денот, па купувачите секогаш беа на штрек во обид да го погодат вистинскиот миг да се снабдат со потребните производи. Немаше разлика ни во однесувањето на градските чиновници: секој започнуваше и завршуваше со работа кога Ќе му се посакаше. Во вакви услови, градот се претвори во рај за разбојниците и тие можеа сосема безгрижно да ја вршат својата дејност.

Сите граѓани чувствуваа дека општата состојба толку не чини што ги води во некоја страшна провалија на судбината, а никој не знаеше како да му стави крај на нередот. ПовеЌето дури поверуваа дека спасот од незавидната положба не може ни да го има.
Владата реши да го врати животот во колосекот на поредокот кој некогаш владеел во градот, и по кој сите со тага воздивнуваа:
- Ах, колку беше убав животот на времето! Се знаеше кој јаде, се знаеше кој плаЌа. Какви прекрасни времиња поминаа – дали некогаш пак Ќе се вратат, дали нашите деца Ќе имаат можност да уживаат во безгрижноста каква што ние ја имавме во нашата младост!?
По многуте барања од сите страни, централната власт назначи свој службеник, со најголемите законски овластувања. Во него беше најголемата надеж за враЌање на изгубениот ред.
Главниот државен инспектор својата задача ја прифати сосема сериозно и при срце. Уште од првиот ден, инспекторот Шошони ги уверуваше граѓаните во својата способност. Насекаде даваше на знаење колку е голема неговата моЌ.
- Јас сум многу образован, имам дури три дипломи; малку ми требаше да заработам и докторат... И, никој ништо не ми може: кога бев млад, вежбав боречки вештини, па можам да се борам и со едната рака...
Најверојатно инспекторот мислеше на десната рака, зашто таа секогаш му беше слободна, додека во другата ја носеше огромната кожна чанта, црна како катран и полна со купишта хартија. Таму ги имаше законите кои требаше да ги спроведе…
- Според законот, треба да платиш пет илјади... Ако не платиш и те дадам на суд, Ќе платиш три пати повеЌе. Затоа, давај ваму пет илјади, брзо... – му се развика инспекторот на пешакот кој се обиде да ја премине улицата на црвено светло на семафорот.
- Господине инспектор, семафорот е расипан и црвеното светло свети со месеци, ако не и со години, а кога јас поминував, немаше некакви возила во близина... Немаше некаква опасност по мојата благосостојба, ниту пак јас можев да предизвикам опасност за друг човек...
- Тоа јас не сакам да го знам! – викаше инспекторот низ забите, целиот тресејЌи се. – Доволно ми е што те фатив како минуваш на црвено светло и не сакам да знам што и како свети. Ти направи прекршок и сега треба да платиш... Еве, види што пишува во законот!
Инспекторот беше немилосрден кон сите кои барем малку Ќе се обидеа да прекршат некој закон.
- Малку е забеган со умот, но што да се прави кога владата му дала сила... – вака го оценуваа службениците кои со него ја делеа истата канцеларија. – Наместо да оди да ги средува другите проблеми, да го врати животот во вистинскиот ред, тој по цел ден стои на главната раскрсница и ги тормози минувачите…
И другите граѓани, кои на некој начин имале блиска средба со него, сметаа дека нешто не е во ред со господинот Шошони. И им беше јасно дека неговите овластувања се неговата најголема одбрана, поради што никој не му се спротивставуваше. Сите коишто беа „фатени на дело“ си ги плаЌаа прочуените пет илјади и со наведната глава мирно си заминуваа од „местото на злосторот“.
Многу брзо инспекторот од своите работодавци ја доби највисоката оценка.
- Чудо од човек бил овој наш инспектор, како не се сетивме порано да го испратиме на оваа задача!? Тој во државната каса внесува колку што не внесуваат десет цариници. Благодарение на неговата пожртвуваност, државниот буџет Ќе го наполниме според зацртаниот план...
Пофалните зборови искажани од највисокото место допираа до инспекторот Шошони, кој беше решен да ја задржи својата слава на најуспешен државен чиновник. Секој ден, дури и под најжешкото летно сонце, стоеше под сенката на едно дрво во близината на расипаниот семафор и чекаше некој од несовесните граѓани да направи некаков прекршок.
За несреЌа на невнимателните граѓани, расипаниот семафор беше поставен на раскрсница во која се пресекуваа главната градска улица и главниот државен пат кој ја поврзуваше државата од едниот до другиот нејзин крај. Главната градска улица беше под управа на градската власт, а државниот пат беше сопственост на државата, и тука немаше некаков спор. Само за семафорот не се знаеше чиј е, па не се знаеше кој треба да води грижа за него. Затоа, штом се расипеше, а тоа се случуваше многу често, тој остануваше во заборав со месеци и години. А граѓаните гледаа да се снајдат и без неговата помош: трчаа гледајЌи со страв да преминат на другата страна и притоа да останат здрави и живи. Така Ќе правеа уште многу години да не дојдеше инспекторот Шошони.
Штом се прочу за присуството на строгиот инспектор, многу граѓани гледаа да му се тргнат од видикот и минуваа на други места. Само крајно невнимателните или неупатените имаа несреЌа да му се испречат на патот. А тоа ги чинеше по пет илјади.
Во градот завладеа законот, работите почнаа полека да се враЌаат во некогашниот ред. Но со тоа не дојде и изгубената радост. Луѓето беа тажни и уплашени, дури и без да знаат од што вистински треба да се плашат.
Еден ден семафорот се разбуди. Неговите светла се менуваа наизменично според замислениот ред, а пешаците и возачите ја минуваа раскрсницата сосема мирно и со насмевнати лица. Во градот пак се врати дел од одамна загубената радост. Иако никој не можеше да се сети кога точно се расипал семафорот на главната раскрсница, сите многу добро се сеЌаваа кога тој пак проработи. Тоа се случи еден ден пред инспекторот Шошони да почине од срцев удар.