А. ден Долард ја чувствуваал Македонија како втора Татковина

КОН ИСТОК И НАЗАД СО ОРИЕНТ ЕКСПРЕС

МИШО ЈУЗМЕСКИ


Ориент значи Исток. Вака би звучела наједноставната дефиниција за овој збор. Всушност, зборот "ориент" во себе крие многу побогата содржина чие објаснување бара многу други зборови.
Зборот "ориент" потекнува од латинскиот јазик, поточно од зборот "ориенс" (oriens) кој исто така значи "исток" или во буквален превод "кревање" (на сонцето). Можно е Латините во почетокот да го употребувале со единствена намена да ја означат источната страна на светот, но со тек на време зборот добил посодржајно значење, зашто по традиција со поимот "Ориент" се означува сè што му припаѓа на светот источно од Европа. А таму е најголемиот континент со сето свое шаренило од човечки раси, религии, обичаи, мириси, вкусови, јазици...
Низ вековите од Азија доаѓале свилата, мирудиите, чајот и многу други нешта без кои животот на европските народи бил незамислив. Оттаму дошла дури и христијанската религија без која Европа денес не би била онаква каква што ја знаеме. Почетното љубопитство за осознавање на тајните на азиските пространства многу брзо било надополнето со желбата да се поседува тој дел од светот, зашто примамувал со бројни материјални и духовни наслади. Дури и Колумбо, во 1492 година, пред себе имал една единствена цел: пловејќи на запад да го открие најкраткиот морски пат до Истокот. Многу подоцна индустриската револуција го отворила патот за новите технологии и во превозот на луѓето, како и на нивните производи. По појавата на парната локомотива, цела Европа била испресечена со железни патишта, а превозот на патници добил нови размери. Се патувало полесно, поудобно, побрзо, помасовно, посигурно... Тогаш на историската сцена стапил најпознатиот воз на сите времиња.
Експрес кон Исток
Историскиот Ориент Експрес (Orient Express или Orient - Express) во функција бил од 1883 до 2009 година, а возови со истото име сообраќаат и во денешно време. Првобитниот Ориент Експрес бил обичен патнички воз помеѓу Париз и Истанбул. Тој бил најбрзата и најудобна врска помеѓу западниот раб на Европа и престолнината на Османлиското Царство, најблискиот и највпечатлив претставник на Ориентот. Прво возот сообраќал на линијата Париз – Стразбург – Минхен - Виена – Будимпешта – Букурешт – Истанбул, а подоцна патеката на движење се менувала во зависност од потребите и политичките состојби во Европа. Во 1895 година во сообраќај била пуштена уште една линија која минувала низ Белград, Ниш и Пловдив. Во текот на двете светски војни (1914-1918 и 1939–1945) Ориент Експрес воопшто не сообраќал, а во разни периоди по европските железни патишта тргнале други возови со истото име, но со различни патеки на движење, управувани од различни и меѓусебно неповрзани, дури и конкурентски компании. Некои возови освен името немале друга врска со Ориентот.
Најславното време за Ориент Експрес се 30-тите години на минатиот век. Тогаш истовремено во служба биле три линии: Ориент Експрес, Симплон Ориент Експрес и Арлберг Ориент Експрес. Името Ориент Експрес се претворило во синоним за удобно и луксузно патување, како и место за секакви интриги. Негови најчести патници биле благородници, дипломати, деловни луѓе и други патници од високите општествени слоеви. Имало и криминалци, шпиони, новинари... Ги имало сите услови за афери од секаков вид!
Возот Арлберг Ориент Експрес во служба бил од 1930 до 1962, со прекин помеѓу 1939 и 1945 година поради Втората светска војна. Патеката на движење му била: Париз – Цирих – Инсбрук – Виена – Будимпешта – Белград – Атина. Притоа возот морал да мине низ цела Македонија, следејќи го текот на Вардар од Скопје до Солун. Веројатно и најлошиот ученик по географија знае дека Македонија е неделив дел од Европа. Исто како што најлошиот ученик по историја веројатно знае дека започнувајќи од времето на Александар Македонски и сите римски императори сè до цариградските цареви и султани, Македонија имала нераскинливи врски со источниот свет. Затоа нејзиното железничко поврзување со Западот било само сообраќајно. Сè друго, мирисот, вкусот, звукот, боите, менталитетот, останало ориентално. И со својата географска положба на мостот меѓу источниот и западниот свет, Македонија за Европа била подеднакво блиска и егзотична.
Славата на Ориент Експрес се проширила надвор од Европа и со неговото име биле именувани некои возови во југоисточна Азија, дури и во Северна Америка. Тој давал поттик за создавање бројни книжевни дела, преку кои неговата слава се зголемувала уште повеќе. Едно од тие дела е романот "Ориент Експрес" (Oriënt-Express) од А. ден Долард (A. den Doolaard).
Идеалисти, терористи и жандарми

Најславното време за Ориент Експрес се совпаѓа со подемот на А. ден Долард како писател и новинар. Во 1930 година неговата животна судбина била тесно поврзана со Франција. Таа година се оженил за својата прва сопруга, парижанката Дези Руло (Daisy Roulôt), а лебот го заработувал во француските лозја. Таму нашол поттик за пишување на романот "Собирачи на грозје" кој бил објавен кон крајот на 1931 година. Истата 1931 година, во летото, писателот отишол во Марсеј да поработи како пристанишен работник. Како што најчесто се случува со повеќето писатели, во тоа време од пишување не заработувал доволно и морал да работи како уличен фотограф, берач на грозје и разни други работи. Сепак во Марсеј не останал доволно долго за да заработи многу пари!
Многу години подоцна во својата автобиографска книга "Животот на еден скитник" (Het leven van een landloper) се потсетува на клучниот настан кој го натерал да се откаже од работата во марсејското пристаниште:
"По вториот работен ден седнав на докот за да ги надоместам со пиво и лимонада загубените телесни течности, кога на задната страница од "Le Petit Marseillais", под еден оглас за прашок против главоболки, прочитав една мала вест. Во Јужна Србија членовите на едно тајно здружение, кои себеси се нарекувале "комити", извршиле громогласни бомбашки напади. Имало жртви, но нивниот напад на Ориент Експрес не успеал. Тајното здружение беше означено со буквите ВМРО: Внатрешна Македонска Револуционерна Организација." (A. den Doolaard: "Het leven van een landloper". Amsterdam, 1958, стр. 52).
Малата вест му ги разбранувала чувствата. Тој момент го има опишано и во другата автобиографска книга "Очи на грбот; гледајќи наназад кон книги и современици" (Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten).
"На изненадување на мојот сосед по маса, одеднаш со мојот остар нож исеков една кратка вест, го оставив весникот и си заминав набрзина." (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 52).
На ум му дошла помислата дека ја има единствената можност одблизу да види што точно се случува во Македонија. Само неколку часови по читањето на предизвикувачката вест, ден Долард веќе бил седнат во ноќниот воз од Марсеј за Милано. Таму требало да фати друг воз за Белград. Последните пари ги дал за билет и малку храна. Една ваква постапка навидум изгледа крајно непромислена, но не за А. ден Долард.
"Уште в училиште зборот "Македонија" за мене поседуваше магичен звук. Меѓу сите сè уште непознати предели, за мене само Македонија имаше еден засебно препознатлив лик, кој од атласот зјапаше во мене со тркалезните очи на нејзините планински езера, привлечно и заводливо како очите на мојата прва училишна љубов кои наликуваа на незаборавче ." (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 51)
Предизвикот навистина бил голем, особено кога во земјата со прекрасни езера некој се обидувал да го крене во воздух најславниот воз на сите времиња. Во тоа време писателот имал 30 години и неколку издадени книги од различен вид. Веќе раскрстил со поранешниот живот како сметководител и живеел со цврстата решеност да се занимава само со пишување. Повремените вработувања како уличен фотограф или општ физички работник ги гледал само како неопходен преоден период кон професионалната кариера како новинар и писател. А Македонија била непресушен извор на теми за пишување, посебно поради случувањата во врска со македонското прашање.
Од Марсеј заминал пристанишниот работник, а во Белград пристигнал новинарот А. ден Долард. Целото време со себе го носел исечокот од весникот, како и мислата за крајната цел на својата мисија. Во Белград дошол без пари, но по три недели работа како фотограф на фолклорни мотиви заработил доволно за да може да го продолжи патувањето. Негативите му ги продал на секретарот на југословенската новинска агенција во Белград, а од него добил уште и бесплатен билет за југ.
Уште нестапнат на македонска земја, Холанѓанецот со години се обидувал да создаде појасна и поширока претстава за земјата во која се вљубил уште додека бил ученик:
"Во дваесеттите години случајно в раце ми се најде една француска книга за тајните друштва: декабристите, Мафијата, Шин Фејн, Црна Рака и ВМРО, кратенка од "Внатрешна Македонска Револуционерна Организација"." (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 51)
Книгите му нуделе недоречености и неговата претстава за Македонија била составена од противречности. Магичниот звук на нејзиното име се мешал со магливите сознанија за последните политички настани поврзани со дејствувањето на ВМРО и историските настани од почетокот на векот. Очигледна е неговата намера целосната слика за Македонија да си ја наслика сам, без посредници и толкувачи на македонските состојби. Во секој случај, најславните години на Ориент Експрес воопшто не се добри за Македонија!
Патувајќи по железничката линија Скопје – Солун и назад, патниците на Ориент Експрес имале можност да им се радуваат на длабоките долини низ кои течеле бистри води, како и на грижливо обработените полиња под жито, тутун, сончоглед, памук... Туѓинците имале можност да го видат и поегзотичното лице на земјата. Возбудлива била секоја средба со станиците каде на едно место и во исто време се преплетувале сликите и звуците на Западот и Ориентот. Тука можеле да ги чујат јазиците на сите македонски народности, кои по традиција биле облечени во една мешаница од бои и кроеви. Сепак, мнозинството патници на Ориент Експрес биле само на пропатување и најчесто не добивале целосна слика за земјата. Не знаеле што се случува на другата, невидливата страна на ридовите што биле нанижани од двете страни на пругата. За богатите и разгалени патници од Европа, Македонија била само едно делче од егзотиката на Ориентот и на повеќето им било несфатливо зошто некој во Македонија би кренал во воздух еден толку убав и славен воз, каков што бил Ориент Експрес.
И весниците не нуделе појасна слика. Повеќето новинари своите написи ги создавале врз основа на податоците од конзулатите или новинските агенции на балканските држави. Ако некогаш дојделе во Македонија, најчесто времето го минувале во кафеаните или канцелариите на локалните власти. Поради себични интереси или заблуденост, се ставале во улога на гласноговорници на една или друга заинтересирана страна во спорот за Македонија. Со тоа забуната станувала целосна и ретко кој знаел што точно се случува.
Ден Долард знаел дека вистината може да ја пронајде од другата страна на македонските ридови, која била невидлива од седиштата на Ориент Експрес.

"Штом се најдов во Македонија, веднаш открив дека прстите сум ги закачил во политичко осило. Поранешната Македонија, еден вилает (провинција) на Турското царство, со мировните договори беше поделена на три парчиња. Од грчкиот дел словеногласното население во голем дел беше заминато. Југославија го доби најголемиот дел. Шовинистичката југословенска влада, на чие чело стоеше еден српски крал, тврдеше дека сите Македонци со векови се Срби, додека Бугарите, кои беа истиснати во еден тесен планински појас, тврдоглаво го тврдеа она што сè уште го тврдат: сите Македонци се Бугари!" (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 53)

Во интерес на вистината, најголемиот дел го зела Грција. Бугарија се стремела да ја приграби цела Македонија и на крајот добила одвај една десетина од пленот. Затоа продолжила со претензиите кон Македонија во што најмногу се потпирала на ВМРО, која сосема слободно дејствувала од бугарската територија. ВМРО се залагала за "ослободување и обединување на Македонија", но истовремено се вклопувала во великобугарските интереси за проширување на бугарското влијание во цела Македонија. До 1934 година, кога организацијата била забранета и распуштена, бугарската држава имала силни врски со пробугарското крило на ВМРО. Односите меѓу Југославија и Бугарија постојано биле напнати, но внатрешните состојби во двете држави и севкупното надворешно опкружување не им давале да влезат во отворена војна од пошироки размери.
Пропагандата е дел од секоја политичка и воена битка и со тој факт ден Долард се соочил веднаш по пристигнувањето на Балканот:

"Новинската агенција во Белград и бугарскиот конзулат бесплатно ми ги обезбедија сите аргументи за и против, во вид на купишта книги и брошури. Кога ги прочитав, ја фрлив буквално и фигуративно под нозе сета таа историска наука и хистерична пропаганда и си заминав. Потребни ми беа луѓе, а не хартија." (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 53).

На првите средби со својата "љубов од училишните клупи" ден Долард не бил разочаран од нејзината убавина. На секој чекор уживал во разновидноста на недопрената природа, која во тоа време не знаела што е индустрија и била зачувана во нејзиниот најдобар сјај. Најмногу им се восхитувал на езерата, но и на дивите реки што течат во подножјето на високите планини. Подеднакво бил воодушевен од звукот на македонските песни и шаренилото на македонските носии, како и од фреските во средновековните цркви кои тогаш биле сосема непознати за светската наука. Восхитот од овие убавини го искажал меѓу 1933 и 1939 година, пишувајќи го романот "Свадбата на седумте Цигани". А сето тоа го оставил за подоцна зашто првата негова посета била предизвикана од друга тема. Сакал да дознае повеќе за ВМРО, за нападот на Ориент Експрес и воопшто за политичките состојби. Неговата посветеност на оваа тема се засилувала од потемната страна на животот во тоа време. Само чекор подалеку од железничката линија и надвор од вагоните на "Ориент Експрес", Македонија била крајна спротивност на сликата од внатрешноста на возот.

"Македонија беше валкана; сè, куќите, животните, луѓето, понекогаш беа заглавени во нечистотијата; секое патување беше соочување со облаци од прашина и роеви од муви. Само еднаш на сите мои патувања пред војната, во бунгалото на еден британски рударски инженер, спиев меѓу чисти чаршави, и убодот од (сега елиминираните) комарци ми донесе маларија која ме мачеше три години. Сепак јас бев лудо опседнат со оваа земја со нејзиното нездраво сонце, диво минато и немирна сегашност." (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 56).

Секоја македонска "немирна сегашност" е продолжение на македонското "диво минато":

"Зошто тој страв во очите кога во едно село, скриено на крајот од една црвена клисура низ која протекуваше еден бавен поток опкружен со тополи што шумолат, наеднаш се појавија вооружени жандарми? Зошто тој заканувачки удар со кундаците од пушките кога тие непоканети упаднаа на една фарма? Зошто таа строга проверка на моите документи на секој планински премин каде покрај стражарницата како знак за тревога на висок столб се вееше сноп слама што мирисаше на петролеј? Зошто покрај селата, кои според нивната носија ги препознав како српски, селаните зад плугот чекореа со пушка на грбот?" (А. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 54)

Одговорот на сиве овие прашања бил мошне едноставен. Се состоел од четири букви! Еден селанец со прст му ги запишал буквите во правливиот пат и веднаш ги избришал со опинокот.
Можноста од напад на ВМРО внесувала страв кај југословенските власти и српските колонисти кои од посиромашните делови на кралството биле населувани во македонските полиња. По секој напад, лутината на властите била насочена против мирното македонско население. Така стравот царувал во сите села и долини на Македонија. Сите се плашеле од некого и сите подеднакво страдале во лавиринтот на насилството.
А. ден Долард ја откривал Македонија во времето на диктатурата (1929 - 1934), кога сета власт во Кралството Југославија му била потчинета на српскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ, и жестоките напади од страна на ВМРО. Тогаш на територијата на Вардарска Македонија, која претставувала само 10 % од територијата на Југославија, биле концентрирани до 70 % од полициските сили на кралството. Можно е ден Долард да не ги знаел точните бројки, но со бројното присуство на вооружени лица во униформи, како и со нивните акции, се соочувал постојано и насекаде во Македонија.
Откако жандармите убиле четворица комити во некој зафрлен планински предел, холандскиот новинар бил повикан да ги фотографира убиените и да информира за успехот на југословенската власт во борбата против ВМРО. Тогаш го запознал човекот што му го разгорил пламенот за нова книга.
Коста бил меѓу селаните што биле задолжени за пренесувањето на телата и оружјето на убиените. Тој бил на печалба во Америка, оттаму се вратил со одлично познавање на англискиот јазик и сосема непречено разговарал со холандскиот трагач по вистината. Му раскажувал за своето учество во борбите за слободата на Македонија, прво против Османлиите и подоцна против Србите, за настанокот на ВМРО и поделбите во организацијата. По долгиот разговор со Коста, кај ден Долард се зацврстило убедувањето дека мора да напише книга за Македонија.

"Приказните што ми ги раскажа нудеа повеќе од доволно наводи за една интрига. Тоа мораше да биде еден роман за процутот и пропаста на една слободарска мисла, олицетворена во трагичната судбина на неколку македонски семејства. Првото поколение живеело за идеалот на слободата и умирало за него. Второто направило компромис со бугарските властодржци, со намерата сепак да го постигне тој идеал. Но токму оттаму третото поколение се изродило во една мафија која му се продаваше на најдобриот понудувач." (А. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 57)

Приказните на Коста биле само појдовна точка за пишувањето на романот. Авторот морал да ги надогради со дополнителни сознанија. Освен што фотографирал убиени комити, посакал средби со живите припадници од новото поколение.
Дипломатите и новинарите во Белград го убедувале дека ВМРО никогаш нема да му дозволи пристап на нејзината територија во делот на Македонија под бугарска власт. Сепак ден Долард заминал за Софија, а оттаму за Банско. На "границата" меѓу Бугарија и Пиринска Македонија бил пречекан од четворица комити кои му дозволиле да влезе на "нивната територија". Го направил она што другите новинари не се осмелувале да го направат и почнал да ги открива тајните на мистериозната ВМРО. Меѓу нејзините припадници сретнал вистински фанатици кои поради посветеност кон идеалот на слободата, заблуденост или авантуризам, во секој час биле подготвени да убиваат и да бидат убиени. Разговарал и со нивните шефови кои од удобноста на своите топли, чисти и безбедни засолништа се коцкале со судбината на целиот македонски народ. Додека од нивните усти слушал зборови за ослободувањето на Македонија, во очите им ја гледал алчноста за моќ и пари. Ден Долард ја демаскирал нивната "ослободителна борба" кога неколку пати лично бил сведок на теророт што го спроведувале кон населението во Пиринско. Откако за тоа објавил неколку статии, веднаш добил јасно предупредување што поскоро да си замине, по што двајца комити го испратиле назад до границата на "нивната територија". Сепак, ден Долард видел доволно за да го затвори кругот за целиот развоен пат на организацијата. Бил подготвен тоа да го опише во "еден роман за процутот и пропаста на една слободарска мисла", ризикувајќи притоа да ги изгуби старите пријатели и да стекне нови непријатели.
Додека сите нејасно пишувале што се случува во Македонија, ден Долард сакал да разјасни зошто, откривајќи ги актерите во македонската драма со нивните вистински мотиви. За таа цел направил реконструкција на настаните од 1903, кога ВМРО била на врвот од својата моќ функционирајќи како тајна држава во Османлиската држава, до 1934 година кога организацијата била забранета и распуштена. Затоа сослушал учесници од сите поколенија од сите засегнати страни. Како што Ориент Експрес постојано одел од запад кон исток и назад, така и авторот доаѓал, заминувал и пак се враќал во Македонија. Собирал податоци, ги запишувал и дополнувал. Така ја пишувал историјата на македонското ослободително движење од неговите најсветли мигови до најсрамните години исполнети со крвавите братоубиствени пресметки.

Раѓањето на забранетата книга

Романот "Ориент Експрес" (Oriënt-Express) е зачнат во француската престолнина, родниот град и појдовната станица на најславниот воз на сите времиња. Првите страници на една од најуспешните книги во неговата кариера ден Долард ги запишал во ноември 1931 година. Потоа работата ја продолжил на Балканот: во периодот април – мај 1932 година истражувал и пишувал на релацијата Софија - Хисар – Банско – Белград - Скопје – Солун.
Покрај сета зафатеност со романот "Ориент Експрес" и долгото скитање низ балканските земји со воз, на коњ или пеш (еднаш пешачел од Солун дури до Сараево) ден Долард имал доволно време и творечки сили и за други книги. Меѓувремено го објавил романот "Белата тишина" (De witte stilte, 1932), како и репортажите "Дивјаците на Европа" (De wilden van Europa, 1932) и "Четири месеци кај комитите, лиценцирани убијци" (Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1932).
Во тоа време го создал и краткиот роман "Гостилницата со потковица" (De herberg met het hoefijzer, 1933), кој има доживеано десетици изданија на холандски и преводи на неколку јазици, а во 1934 година бил награден од Друштвото за холандска литература. Поттикнат од големиот почетен успех на оваа книга, ден Долард му ветил на својот издавач Емануел Керидо (Emanuel Querido) дека "Ориент Експрес", новата книга за Балканот, ќе биде готова до пролетта 1934. Поради добрата продажба на "Гостилницата со потковица", во која дејството исто така се случува на Балканот, поточно во Албанија, многу книжарници го нарачувале и најавуваниот роман, но неговото појавување задоцнило. Поради таа причина некои книжарници започнале да ги откажуваат нарачките и авторот решил да го забрза пишувањето на "Ориент Експрес". Конечното оформување на приказната се случувало од март до јуни 1934 година во Хаг. Тука навистина може да се каже дека се вратил дома, во добро позната средина, но не останал долго. Во јули и август 1934 година, во тивкото планинско село Калс во австрискиот дел на Тирол и во градот Закопане во Полска, ги направил завршните работи на книгата.
Првото издание на "Ориент Експрес" излегло на 1 октомври 1934 година. Девет дена подоцна во францускиот град Марсеј одекнале истрелите кои многу брзо ја одредиле судбината на најновата книга од А. ден Долард. Убиството на југословенскиот крал Александар I Караѓоревиќ било поврзано со ВМРО, Македонија и македонското прашање, со сите оние нешта за кои станува збор и во "Ориент Експрес". Во деновите што следувале секојдневно во весниците се појавувале разни коментари за мистериозната ВМРО. Како што сведочи и ден Долард, тие најчесто биле "сензационалистички и нејасни".
Сосема случајно романот "Ориент Експрес" се појавил во околности кои широко му ги отвориле вратите кон читателската публика. Книгата постигнала таков успех каков што веројатно и самиот автор не можел да очекува. До крајот на 1935 година книгата била печатена дури десет пати, а меѓувремено била издадена и на германски јазик.
Интересот за книгата се проширил низ Европа и наскоро се појавиле преводи на други јазици. Во 1935 година издавачката куќа "Сфинкс" (Sfinx) од Прага ја издала на чешки јазик под наслов "Orient Express". Со истиот наслов парискиот издавач Албан Мишел (Albin Michel) ја издал на француски јазик. Истата година романот бил објавен и во САД. Издавачката куќа "Смит и Хаас" (Smith and Haas) од Њујорк го издала на англиски јазик, со изменет наслов, како "Експрес за Истокот" (Express to the East). На 18 ноември 1935 година во списанието Тајмс (Times) се појавил коментар за авторот:

"Авторот на "Експрес за Истокот" е речиси исто толку мистериозен колку и организацијата за која пишува. Ден Долард, што значи Скитникот, е псевдоним на К. Спулстра, 34–годишен холандски романсиер, авантурист, скитачки уредник на едно спортско списание, сега на патување во Блискиот Исток. Иако неговите романи се популарни во Холандија, тие го немаат добиено одобрувањето од интелектуалните големци, кои создадоа сензација кога одбија да го наградат со еквивалентот на Пулицеровата награда. Во краткиот вовед кон "Експрес за Истокот", ден Долард ги спомнува неговите месеци скитање низ Македонија, "некогаш жеден и без пари и извалкан, некогаш пиејќи сливова ракија со мраз во луксузниот ресторански вагон на Ориент Експрес", навестува дека тој има учествувано во дејноста на организацијата што ја опишува. Набљудувајќи го неговиот детален опис на конспиративните методи, веројатен заклучок е дека ден Долард своето знаење за нив не го добил исклучиво од книги." (Times, Nov. 18, 1935)

Поради сплетот од околности поврзани со македонското прашање, романот предизвикал внимание и во политичките кругови. Книгата не била преведена на ниту еден од балканските јазици, но и без тоа била пречекана со негодување.

"Бугарите книгата ја прогласија за просрпска; Србите ја замразија како премногу пробугарска; Македонците ја сметаа делумно за недоволно промакедонска! Францускиот, германскиот и англискиот превод во Југославија беа забранети; во чешкиот превод во име на тогаш сè уште постоечката Мала Антанта беше направена една промена..." (А. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 6)

Очигледно брошурите и книгите со српските и бугарските аргументи за "српскиот" и соодветно "бугарскиот" карактер на Македонија навистина завршиле под нозете на А. ден Долард. Холандскиот писател не ја прифатил играта на балканските политички сили, затоа имале и зошто да му се лутат. Особено поради тоа што во "Ориент Експрес" ги употребува поимите изведени од "магичниот" збор Македонија: Македонци, македонски, македонски дијалект, македонско небо, македонски војвода, македонска војска...
Незадоволството од книгата се префрлило и кај авторот, кој се нашол во вкрстен оган од пофалби и напади. Сестраните реакции и поновите сознанија за Македонија му дале еден многу позрел поглед кон македонските состојби. Наспроти сите пофалби и воздигнувања над облаците, кои ги добивал од разни луѓе, зазел самокритички однос и увидел дека "книгата има слаби страници" . Затоа решил целосно да ја преработи и новата верзија била издадена во 1940 година. Во воведот кон преработеното издание во декември 1939 година запишал:

"При прелистувањето на конечното издание на "Ориент Експрес" некои читатели можеби ќе забележат дека книгата содржи три глави помалку отколку во оригиналното издание." (А. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 5).

Внимателниот однос на авторот кон оваа книга е диктиран од темата, исто како и од неговиот целокупен однос кон Македонија и нејзините соседи:

"Македонија отсекогаш беше јаболко на раздорот меѓу Србите, Бугарите и самите македонски Словени, кои пак меѓусебно беа поделени во табори. Пишувајќи, јас ја избрав страната на Македонците, кои меѓу другото најчисто ја имаа зачувано изворната, величествената, федеративно обоена идеја за слободата, која тие сакаа да ја прошират во цела Европа; и во мојот ентузијазам нив да ги бранам низ сито и решето, кон Србите и Бугарите ги извршив потребните историски неправедности, коишто сега, потпомогнат од едно позрело разбирање, се обидов да ги омекнам." (А. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 5)

Холанѓанецот сакал да остане пријател со сите народи на Балканот, без да се вклучува во нивните меѓусебни расправии, без желба или намера да го отплеткува македонскиот јазол. Сакал да остане неутрален онаму каде што такво нешто било невозможно.

"И познатиот германски историчар Херман Вендел веќе искуси дека секој туѓинец кој се осмелува да пишува за Македонија, доаѓа во судир со сите засегнати народи. Така беше и со мене." (А. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 6)

А. ден Долард секогаш настапувал како заштитник на идеалот на слободата и мирот. Уште со раната појава на нацизмот во Германија, во своите статии предупредувал на опасноста која се надвиснувала над Холандија и Европа. Откако нацизмот веќе ја опустошил Европа, ден Долард го кренал гласот против новата опасност која се заканувала да го уништи човештвото. Во периодот по Втората светска војна учествувал во улични демонстрации и редовно пишувал статии и протесни писма до политичарите против атомското вооружување; во 1983 година ги објавил во својата последна книга "Јас сум против" (Ik ben tegen) . Со истата жештина го кревал гласот и против комунистичката диктатура во Југославија.
Александар Баткоски (роден во Вевчани, 1939) пензионерските години ги минува во Охрид, како активен копаничар, а некогаш работи и како водач на туристи. Тој ја имал можноста да се дружи со холандскиот писател и да развие блиски пријателски односи. На 8 ноември 2011 година во Охрид го запишавме неговото сведочење:

"Прв пат со А. ден Долард се сретнав во 1972 година. Во тоа време во Охрид доаѓаа многу холандски туристи и заслугата за тоа му ја припишуваа на ден Долард, зашто тој го прослави градот во Холандија со неговата книга "Свадбата на седумте Цигани". Беше поканет од градот Охрид за да му се искаже благодарност за неговите заслуги. Мене ми беше дадена задача да го придружувам на еден неколкудневен излет низ Македонија. Бевме јас, тој со сопругата, и возачот. Многу му се допаѓаше Македонија. Добро се сеќавам, кога се спуштавме по патот од Маврово кон југ, тој кажа нешто кое никогаш не можам да го заборавам. Рече дека "Господ пет дена го создавал светот, а шестиот ден ја создавал само Македонија, и затоа таа е толку многу убава"!

При првата средба во септември 1972 година, Баткоски добил примерок од "Свадбата на седумте Цигани" со потпис од авторот. Една година подоцна ден Долард пак дошол во Охрид и тогаш му подарил примерок од "Ориент Експрес" со следнава посвета:

"На нашиот добар пријател Александар Баткоски,
овој роман за Македонија во годините 1903 (Илинден) до 1934.
Со едно срдечно до видување!
А. ден Долард, јуни 1973"

Баткоски продолжува со сеќавањата за ден Долард:

"А. ден Долард беше посебно воодушевен од тоа што го учев холандскиот јазик. Дури и ме покани да го посетам во неговиот дом, во Хундерло. Јас никогаш не мислев дека некогаш ќе одам во Холандија, но се случи да отидам. Тогаш отидов и во Хундерло, но тој не беше дома и не се видовме. Сепак, бев почестен со тоа што еден толку значаен човек ме покани да гостувам во неговиот дом. Подоцна пак се видовме, во 1974 година..."

Во јули 1974 година, Баткоски добил нов подарок. Во посветата кон книгата "Гостилницата со потковица" (De Herberg met het Hoefijzer) се потпишани авторот и неговата сопруга:

"На Александар Баткоски,
за да научи уште повеќе холандски,
од неговите пријатели А. ден Долард и Ери ден Долард.
Хундерло, јули `74"

Таа година била последната средба меѓу двајцата пријатели. Баткоски се сеќава и на неа:

"Тогаш во Охрид се одржуваше конференција на Меѓународниот ПЕН. Јас работев во хотелот "Десарет", како рецепционер. Меѓу учесниците беше и А. ден Долард; и тој беше сместен во "Десарет". Еден ден дојде кај мене многу лут и навреден. На конференцијата изјавил дека во Југославија немало слобода и југословенските писатели немале целосна слобода за изразување. Потоа бил жестоко нападнат од југословенските писатели кои тврделе дека се слободни, можеле да пишуваат што сакаат... Оттогаш ден Долард друг пат не дојде во Охрид. Мислам дека многу беше навреден од односот кон него..."

Од најугнетени поданици на кралството Југославија (1918-1941), Македонците станаа најверни бранители на социјалистичка Југославија (1944-1991). Секој напад врз неа го сметаа за напад на најголемата светост. Во Македонија за ден Долард јавно не се зборуваше, неговите книги не се преведуваа. Поради неговиот антикомунизам го отфрлија и неговиот македонизам. Сепак тој не беше целосно заборавен.
Истражувајќи ја судбината на романот "Ориент Експрес" дојдовме до Шерефедин Мустафа. Тој потекнува од Македонија, но одамна живее во Холандија. Работи како преведувач и меѓу другите автори го има преведувано и ден Долард. Од холандски на албански јазик го има преведено романот "Гостилница со потковица" (De herberg met het hoefijzer), издаден прво во Скопје во 1993, а потоа и во Тирана во 2005 година. Еве што пишува во неговата електронска порака од 11 март 2011 година:

"Почитуван г-дин Јузмески,
Ви благодарам за Вашата порака и мило ми е да слушнам дека во Македонија постои интерес за делото и животот на А. ден Долард.
Со авторот имав чест повеќе пати да се сретнам и да разговарам. Можеби Ви е познато дека сум го превел неговиот роман "Гостилница со потковица" на албански јазик. Од самиот почеток бев убеден дека неговиот најубав роман е "Ориент Експрес" и дека опишува еден значаен период на македонската историја, од 1903 до почетокот на Втората светска војна. Поаѓајќи од таа претпоставка, романот го преведов во 1996 година.
За жал, сите напори за објавување на преводот во Македонија беа неуспешни. Имам намера наскоро да го објавам во рамките на мојата веб страница.
Срдечен поздрав од Холандија и извинете што од мојот мобилен (телефон) не можам да Ви одговорам на кирилица.
Шерефедин Мустафа"

Во Македонија најмногу интерес за делото и животот на А. ден Долард постоел кај оние што го познавале лично или пак имале поцврсти врски со Холандија и Холанѓаните.
Во Охрид во 2006 година беше подигнат споменик во чест на писателот и за прв пат се издаде негова книга на македонски јазик. Тоа е "Свадбата на седумте Цигани", преведена со изменет наслов како "Свадба во Охрид". Книгата "Ориент Експрес" и понатаму останува достапна само за оние кои го познаваат холандскиот јазик.

Приказна за процутот и пропаста на една слободарска мисла

Живите јазици постојано се изложени на промени, па и холандскиот јазик не е некаков исклучок. Самиот ден Долард бил доволно долго присутен на холандската литературна сцена за да биде засегнат од тие промени. Затоа во подоцнежните изданија се забележуваат и осовременувања на јазикот со единствена цел книгата да биде поприфатлива за помладите читатели. Промените кои го зафатиле холандскиот јазик во средината на XX век се однесуваат на упростувањето на правописот и граматиката со исфрлање на падежните форми. Таа промена се забележува меѓу различните изданија на "Ориент Експрес". Сепак, по сите промени во оригиналниот холандски текст, суштината на содржината останала иста. Конечната верзија на романот е составена од 17 глави, сите со различни наслови и поделени во 4 засебни делови.
Првиот дел од романот се состои од следниве 7 глави: "Македонија, јули 1903", "Раѓањето на Милја", "Смртта на Дамјан", "Крштевањето на Милја", "Бегството во Кратово", Младоста на Милја", "Големата војна". Првиот дел започнува со цитатот од Библијата, во кој непознат Македонец му се обраќа на св. Павле, молејќи го за помош:"И на Павле му се јави во ноќта видение: еден Македонец застана пред него и го молеше, велејќи: "Дојди во Македонија и помогни ни!"" (Дела на апостолите 16:9). Цитатот е запишан на латински и холандски јазик. Во овој дел дејството на приказната се одвива меѓу Илинденското востание и Првата светска војна, додека другите делови се однесуваат на повоениот период.
Во Вториот дел се поместени три глави: "Трговски патник со машини за шиење", "Војводата Бора вози преку ридовите", "Снопот сено паѓа". Вториот дел започнува со извадок од македонска револуционерна песна: "Каде е Гоце, каде е Даме, каде се старите војводи?"
Трите глави во третиот дел се: "Ќерката на Дамјан Дрангов", "Тодоровиот таен живот", "Смртта на еден ајдук". На почетокот од овој дел е запишан холандскиот препев на "Песната на востаникот" од бугарскиот поет и учесник во македонското револуционерно движење Пејо К. Јаворов (1878-1914).
Последните четири глави се во четвртиот дел: "Бегството на Христо", "Пиштолите пукаат", "Пеколна машина", "Враќањето на Милја". И овој дел започнува со цитат од Библијата: "Зашто сите што се фаќаат за меч - од меч ќе загинат." (Евангелие според Матеј 26:52)
Основната тема и носечки столб на дејството во "Ориент Експрес" е борбата на македонскиот народ за слобода во почетокот на XX век и дејствувањето на ВМРО како најистакнат двигател на таа борба. Историјата на ВМРО во романот е претставена во три фази, кои се прикажани според видувањето и раскажувачките умешности на авторот. Сите настани во романот се поставени во функција да го дадат најдоброто можно објаснувањето за тие три фази.
Главниот лик е Милја; романот започнува со нејзиното раѓање, го следи целиот нејзин животен пат и завршува со нејзината смрт. Таа е родена на Илинден 1903 година. Нејзиниот татко е војвода и загинува како вистински јунак за слободата на Македонија. Тој е претставник на првото поколение револуционери кои пред себе го имаат единствено идеалот за ослободување на Македонија од теророт на Османлиите. Состојбата во Македонија се усложнува со нејзината поделба меѓу Бугарија, Грција и Србија. Борбата за ослободување преминува во борба за обединување на земјата во една целина. Милја му припаѓа на второто поколение борци кои преку тероризам се надеваат да го постигнат идеалот за слобода. Како млада девојка се зачленува во ВМРО и активно учествува во борбата за слобода, овој пат против Србите во вардарскиот дел на Македонија. Таа се запознава со водачот на ВМРО, Тодор Александров, и станува негов приврзаник. По неговата смрт, организацијата ја преземаат новите водачи кои се интересираат само за власт и пари. Сета енергија ја трошат во меѓусебни пресметки и задоволување на своите лични интереси. Во името на "ослободувањето и обединувањето на Македонија" Милја добива задача да постави динамит на мостот по кој минува возот "Ориент Експрес". Со неговото уништување треба да се привлече вниманието на Западот кон тешката положба во Македонија. Истовремено таа добива ветување дека ќе го откријат убиецот на Тодор Александров. Убиецот е веќе мртов, но Милја тоа не го знае. Организаторите сакаат да се ослободат и од неа. При експлозијата на бомбата, умира и Милја. Погребана е во таен гроб во една нива, во ковчег изработен од остатоците на возот Ориент Експрес. Тука е крајот на романот.

Реализмот на А. ден Долард

Основната карактеристика на стилскиот израз во "Ориент Експрес" е документаристичката форма на раскажување. Многу елементи од содржината во романот се совпаѓаат со одредени записи во автобиографските книги на авторот, како и со општопознатите настани од првата половина на минатиот век. Авторот се стремел што поверодостојно да ги прикаже настаните во Македонија и во таа насока бил доста успешен. Тоа го направил преку една драматизирана приказна, која е доволно напната за да го задржи вниманието на читателот. Истовремено приказната го има призвукот на пообемен новинарски извештај, нудејќи изобилство од описи на настаните и состојбите од временскиот период во кој е сместено дејството на романот. Кога веќе се зборува за реализам, тој мора да се сфати како поим кој излегува надвор од балканските сфаќања за реалноста, посебно во однос на етничката припадност на Македонците и правото на сопственост врз Македонија.
Ја разгледуваме конечната верзија на "Ориент Експрес", онака како што била преработена во 1939 и објавена една година подоцна. Првата глава со наслов "Илинден, 1903", а со тоа и целиот роман, започнуваат со:

"Никогаш порано житото не беше толку брзо ожнеано како тоа лето во Македонија. Секој ден сонцето го минуваше својот жаречки пат над распуканиот предел, од планината Беласица на исток, преку нeподносливо блескавиот Вардар кон белиот Кораб на западната граница." (A. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 9)

Воведниот текст ги дефинира временските и просторните граници на дејството. Тоа започнува во 1903 година, на просторот меѓу планините Беласица и Кораб. Тоа е просторот на денешна Република Македонија.
При читањето треба секогаш да се има предвид дека книгата е создавана и била на врвот од својата популарност во времето 1931-1939 година, кога името Македонија било забрането. За авторот тука не постојат дилеми. Како син на свештеник имал можност рано да дојде во допир со библиските текстови во кои се спомнува Македонија, потоа во училишниот атлас и во сета друга литература често го среќавал истото име. Затоа насекаде во романот земјата ја именува како Македонија, независно дали зборува за неа како за една целина или за нејзините делови под власт на различни држави.
Кај холандскиот писател нема дилема и околу суштината на Илинденското востание. Тоа е "борбата на христијанските Словени против нивните исламски господари". Во продолжение на текстот постојано се зборува за ослободување и обединување на Македонија во посебна држава или во балканска федерација.
Секој што пишувал за Македонија морал да се соочи со најгорливото прашање за народноста и јазикот на мнозинското население. На кој јазик зборувале жителите на просторот од Беласица до Кораб? Од која народност се ликовите во романот?
Уште на почетокот од романот авторот предупредува дека во Македонија се зборува македонски јазик. Во првата глава нè запознава со еден од главните ликови во романот. Тоа е војводата Дамјан Дрангов од гостиварското село Радово "...кој освен македонски, исто така знаеше француски и грчки, и малку германски...". Во понатамошниот текст на романот авторот го неутрализира поимот "македонски јазик", заменувајќи го со изразот "истиот дијалект" или го дефинира со "македонскиот дијалект е речиси како бугарскиот јазик". Во времето кога македонскиот јазик е најжестоко забрануван и мнозинството македонски писатели пишуваат на српски или бугарски јазик, ден Долард дофрла дека сепак македонското население има свој јазик или дијалект кој е "речиси ист", но не и целосно ист со бугарскиот јазик.
Кога станува збор за народноста на Македонците, авторот зборува за "христијански Словени" кои во зависност од црквата што ја признаваат се сметаат за "Срби" или "Бугари". Опишувајќи го селото Нагоричане, во петтата глава (Бегството во Кратово) авторот вели:

"Населението беше мешано; Бугари и Срби заедно. Тие го зборуваа истиот дијалект, но припаѓаа на две цркви" (A. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 82).

Просечниот читател веднаш би помислил дека се работи за етничка припадност на селаните: Бугари и Срби. Но, многумина би се запрашале: ако селаните навистина биле од две различни народности, кој е "истиот дијалект" што го зборувале? Српски, бугарски или некој друг? За поупатените во состојбите од почетокот на XX век станува јасно дека се работи за еден ист (македонски) народ со ист (македонски) "дијалект", кој е разделен во две посебни православни црковни организации и затоа нивниот идентитет е пред сè црковен, а не етнички или национален.
За појасно да ја објасни ваквата појава, авторот на друго место зборува преку Милја, која во еден момент вели:

"Ние сме едно од оние несреќно распарчени семејства каде едниот тврди дека е Србин, а другиот Бугарин. Кај нас тоа е уште полошо. Единствено јас пристапив кон Егзархијата; сите мои браќа, тие се тројца, останаа приврзаници на Патријаршијата. (A. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam,1940, стр. 84)"

Со тоа авторот индиректно објаснува дека Милја е "Бугарка" само поради нејзиното прифаќање на Бугарската Егзархија (православна црква на Бугарија), а нејзините тројца браќа се "Срби" само поради нивната припадност кон Српската Патријаршија (православна црква на Србија). Тие и понатаму остануваат во крвна врска, го носат истиот ген, го зборуваат истиот јазик. Ја споделуваат истата православна христијанска религија, но веќе како припадници на две национално спротивставени цркви, принудени се да се борат за интересите на своите нови татковини со што непријателството се пренесува меѓу членовите на семејството. Ете, тоа е најголемата несреќа на Македонците за која авторот зборува преку ликот на Милја.
Дури и кога пристапувале кон Бугарската Егзархија, со што политички и културно се поврзувале со државата Бугарија, мнозинството Македонци и понатаму на прво место ги ставале Македонија и нејзините интереси. Со тоа бил запознат и авторот, па напишал:
"Српските комити никогаш не би се бореле за една независна Македонија како бугарските, кои на прво место беа Македонци, а дури потоа Бугари" (A. den Doolaard: "Oriënt-Express". Amsterdam, 1940, стр. 82).

А. ден Долард бил свесен дека не може да го одврзе јазолот наречен "македонско прашање", но почувствувал потреба да го извести светот за вистинската состојба во Македонија и да го покаже изворот на недоразбирањата. Можел ли да го направи тоа без да засегне некоја од заинтересираните страни и без да си предизвика нови главоболки? Поради критиките упатени кон нивната фашистичка политика, Италија и Романија му забраниле пристап на нивните територии. Истото му се случило и во Бугарија.

"За моите лични искуства во бугарска Македонија и за ВМРО воопшто напишав три статии под наслов "Славата и падот на комитите". Веднаш штом се појавија во амстердамскиот "Handelsblad" јас исто така бев протеран од Бугарија." (A. den Doolaard: "Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten". Amsterdam, 1971, стр. 59)

Што и да напишел, секогаш ќе се соочел со обвинувањето дека работи за една или друга страна во спорот, како што тоа навистина се случило. Впрочем, во одредени моменти авторот искрено признава дека одбрал страна во спорот за Македонија. Застанал на страната на оние Македонци кои живееле со вистинскиот идеал на слободата. Тоа биле Коста и другите сиромашни македонски селани, кои освен својата искреност немале што друго да му понудат; немале книги и брошури за заблудување, немале ни пари да му купат билет за Ориент Експрес. Додека сите други што покажувале лицемерна загриженост за слободата на Македонците, всушност мислеле само како да ги поробат и ограбат.

Заветот на А. ден Долард

Цели шеесет години авторот негувал внимателен однос кон книгата. Во некои изданија на романот пишувал поговор или предговор каде објаснувал во кои околности настанал и што сакал да постигне преку него. Настанувањето на романот "Ориент Експрес" опширно го има опишано во автобиографската книга "Очи на грбот; Гледајќи наназад кон книги и современици" (Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten) од 1971 година.
На 1 јануари 1994, во 93-та година од животот и само шест месеци пред смртта, во поговорот кон тогашното издание на романот ден Долард уште еднаш го потврдува својот однос кон "Ориент Експрес" и воопшто кон Македонија која многу пати ја има прогласувано за втора татковина. По незнаен број пати кажува дека Македонија во 1913 година била распарчена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Понатаму, за да нема некаква забуна околу толкувањето на содржината, тврди дека романот "Ориент Експрес" е посветен на борбата за слобода на Македонците, како различни од Србите и особено од Бугарите, кои како народ ги смета од азиско и несловенско потекло, но и со најсилна пропаганда во Македонија. За ВМРО и понатаму смета дека од организација на идеалисти за слободата на Македонија, преминала во организација на терористи кои на крајот станале гангстери што меѓусебно се убивале по кафеаните и улиците во Софија.
Иако не бил замислен како историски роман, "Ориент Експрес" за холандските ученици станал учебник по македонска историја. Романот бил воведен како задолжителна лектира во училиштата во татковината на авторот и преку неа на часовите по литература се учела историјата на македонскиот народ. Свесен за улогата што ја одиграла и уште долго ќе ја игра неговата приказна за борбата на македонскиот народ за слобода, тој го имал толку внимателниот однос кон книгата "Ориент Експрес". Оттука и нашиот посебен однос кон авторот. Како што тој преку повеќегодишна макотрпна работа се обидувал Македонија да ја доближи до холандскиот народ, така и ние преку оваа приказна се обидовме А. ден Долард да го доближиме до македонскиот народ.

Мишо Јузмески