Македонија е решена да ги исполни поставените задачи потребни за членство во ЕУ, но како мала
земја е загрижена да не се поставуваат нови дополнителни непринципиелни услови и пречки кои не се дел од копенхагенските критериуми.
ЕУ треба да ги почитува принципите кои самата ги постави и прогресот на земјите кандидати да го цени врз
таа основа.
Ова го истакна македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски на европскиот
политички самит „Рекапитулар за Балканот“ што се одржа на 24 jуни во Брисел.
„Една членка на ЕУ злоупотребува билатерално прашање, прашањето за името, за да врши притисок врз
Македонија да се откаже од своето право на национално самоопределување и да ја блокира нејзината евроинтеграција. ЕУ не треба да биде заложник на
неодговорното однесување на некои политичари, забележа Милошоски.
Одговарајќи на прашања од учесниците на собирот како понатаму ќе се развиваат работите во врска со
прашањето за името, тој рече дека Македонија е подготвена да ги продолжи преговорите што се водат со посредство на медијаторот на ОН Метју Нимиц.
„Ќе продолжиме да говориме со аргументи дека една мала нација има право на национално
самоопределување и заштита на своето национално име“, посочи минис-терот Милошоски.
Осврнувајќи се на ирското референдумско „не“ на Лисабонскиот договор и можното влијание врз
проширувањето на Унијата шефот на македонската дипломатија оцени дека тоа не било „лоша вест од Брисел, туку лоша вест за Брисел“.
„Изгледа дека некои надвор од Ирска се посреќни од Ирците. Најголем предизвик за ЕУ и за европските
политичари сега е да се најде начин ирското „не“ да не се користи како изговор за одложување на процесот за проширување“, истакна Милошоски.
Европратеничката Дорис Пак, која беше еден од главните говорници на дебатата, укажа дека
билатералните проблеми никогаш не биле и не треба да бидат пречка во процесот на проширување на ЕУ.
„Земјите членки кои се директни соседи на државите кандидати треба да бидат одговорни и да не
заборават дека и ним им била потребна поддршка и пријателство кога пристапувале во Унијата“, рече Пак.
Според неа, проширувањето треба да продолжи и да заврши со успех или во спротивно ЕУ ќе го загуби
кредибилитетот.
„Унијата нема да биде комплетна без земјите од Западен Балкан“, заклучи Дорис Пак.
Референдумот во Ирска нема да влијае на процесот на проширување, порача еврокомесарот Оли Рен.
„Проширувањето воопшто не беше дел од референдумската кампања во Ирска. Демократизацијата и
евроинтеграцијата на Балканот одат паралелно со институционалните реформи во Унијата, но треба време и трпение“, рече Рен.