“Опасни, антидемократски и етички неприфатливи се многубројните притисоци што ги врши Грција цели 17 години врз Република Македонија” - вака гласи ставот на повеќе грчки невладини организации што во почетокот на jуни o.г. во форма на писмено обраќање го испратија до властите во Скопје. Организациите Хелсинки монитор, Антинационалистичко движење, Грчка група за малцински права, Работничка власт - Комунистички сојуз и Граѓаните против национализмот соопштија дека й даваат целосна поддршка на Република Македонија во зачувувањето на нејзиното уставно име. “Неоснована цел е да се смени уставно име. Ние сакаме на јасен и категоричен начин да го дистанцираме нашиот став од официјалната политика на Грција и да ја изразиме нашата неподелена поддршка за народот на Република Македонија, на кој - без каква било резерва - му го признаваме правото на национално самоопределување”, се наведува во обраќањето.
Овие невладини организации за “врв на грчката агресивност” против Република Македонија ја сметаат употребата на вето на самитот на НАТО во Букурешт. “Не го прифаќаме неодржливиот став дека не постои македонскиот јазик и македонски народ, зашто тоа е најтешка навреда кон Република Македонија”, потенцираат тие.