Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Нов холивудски филм за Македонија
„ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ“
(Преземено од МИМ)
Холивудска екипа наскоро треба да снима филм во Македонија. Станува збор за „Трето полувреме“, филм кој ќе го режира Дарко Митревски по негово сценарио, а продуцент од американска страна е оскаровецот Бранко Лустиг.
Режисерот Митревски го најави филмот уште минатата година, а сега не открива детали бидејќи таков му бил договорот со продуцентот. Се знае дека ќе биде на англиски јазик, главните улоги ќе ги толкуваат американски актери, но ќе има и голем дел македонска екипа. Беше најавено дека нашиот композитор Кирил Џајковски ќе ја работи музиката.
Македонскиот филмски фонд на последниот конкурс го поддржа овој филм со максималната сума, 500.000 евра. Целосниот буџет на филмот е пет милиони евра. Овој филм беше најавен уште минатата година, а тогаш екипа ја посети Битола и бараше локации за снимање. Во продукцијата од американската страна е вклучен продуцентот Бранко Лустиг, кој има две награди „Оскар“, за „Гладијатор“ и за „Шиндлерова листа“. Тој е долгогодишен соработник на Стивен Спилберг и на Ридли Скот, продуцент на „Ханибал“, „Небесно кралство“, „Американски гангстер“ и други филмови. Лустиг пред две години на фестивалот „Браќа Манаки“ ја доби специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Филмот е приказна базирана врз вистински настани, кои се случиле во Скопје во Втората светска војна. На тогашниот фудбалски натпревар, „Македонија“ – „Левски“, клубот „Македонија“ го предводел Евреинот Иле Шпиц. Во интервју за една наша телевизија, Митревски кажа дека клубот напредувал кон шампионската титула, но се вмешала политиката. Тој објасни дека во тоа време, кога владеел нацистичкиот поредок не било дозволено да победи тимот во кој играчите биле припадници на непризнаен народ, а предводен од припадник на една нација која била предодредена за ликвидација.
- Не смеело да се дозволи еден таков тим да ја понесе шампионската титула и тука се вмешале буквално сите слоеви на тогашниот режим - биле поништувани голови, биле потплатувани судиите, биле досудувани нелогични пенали. Но тоа не можело да ја спречи „Македонија“ кон патот на нејзината победа. Овој натпревар, кој сега го гледаме, завршил со резултат од 2 -1 за „Македонија“. Бидејќи натпреварот бил прекинат и бил доделен службен резултат од 3-0 за „Левски“. Кај скопјаните избувнал гневот, втрчале на трибините, дошла коњаница. Очевидците велат дека од хаосот што настанал некои се спасувале фрлајќи се во водите на Вардар – изјави Митревски во интервјуто за националната телевизија.
Првата верзија на сценариото ја напишал пред девет години, но не постоеле услови да биде реализиран како македонска продукција и тоа бил најголемиот мотив тој да замине во Америка. Митревски уште минатата година, кога го најави филмот, ја објасни неговата најдрага сцена:
- Скопскиот стадион е исполнет до последното место, а на дрвјата се качени деца, кои на граѓаните што немаат пари за билет им го прераскажуваат натпреварот. Одеднаш 10.000 луѓе на трибините почнуваат да скандираат „Македонија, Македонија“. Децата рапортираат: „Еве, навивачите го скандираат името на нашиот тим“, а еден од луѓето тивко прошепотува: „Не е тоа само името на тимот, тоа е име на нашата земја“ - вели Митревски и додава дека ќе биде возбудливо кога оваа реченица ќе биде изговорена на филмските платна по Америка и по Европа.
Американскиот продуцент кој има хрватско потекло, Бранко Лустиг, наскоро ќе снима уште еден филм каде што Евреите се во фокусот на приказната. Во неговата родна земја тој ќе го снима „Леа и Дариа, детско царство“, пренесуваат хрватските медиуми.
- Секоја приказна за страдањето на еврејските деца за мене е лична. Веројатно ќе се споредува со Ана Франк. Ова е приказна за страдањето на две мали загрепски актерки во Втората светска војна - изјавил Лустиг.
И самиот Лустиг бил во злогласниот логор Аушвиц како дете. Тој за емисијата „Недељом у два“ на Хрватската телевизија неодамна изјави дека на дисциплина и ред се научил токму таму.
Врати се на претходната страница
Врати се горе