Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
8 СЕПТЕМВРИ – ДЕН НА НЕЗАВИСНОСТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИJА ЌЕ ОСТАНЕ ЗАСЕКОГАШ НЕЗАВИСНА И ДЕМОКРАТСКА

ЈАН ПИРИНСКИ

Македонскиот народ има исклучително богато минато напоено со многу настани. Времиња на слава и просперитет, на големина, но и времиња на ужасни, жестоки погроми. И во сите овие векови тој секогаш има водено херојска борба единствено во името на исконското право што отсекогаш му припаѓа – правото на опстојување. И оваа многувековна херојска борба се овенча со триумфот на победата, со која Македонија останува засекогаш независна и вечна.

Избувнувањето на Илинденското востание на 2 август 1903 г. претставува историски акт, кој го докажа непокорниот дух на македонскиот народ за изборување за своја самостојна и независна држава. Востанието беше жестоко задушено, но македонските борци успеаја да ја прогласат Крушевската република, првата република на Балканот. Илинденската епопеја категорично докажа дека македонскиот народ е жив и ќе ја продолжи својата борба за ослободување. Овој епохален стремеж се отелотвори во историската Прва седница на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчињски“ на 2 август 1944 г. кога Македонија ја прогласи својата победа и повторно ги постави темелите на својата државност во рамките на Социалистичка федеративна Југославија.
Во почетокот на 90-те години на XX век настапија политички промени и многу комунистички режими паднаа. СФРЈ исто се распадна. Македонскиот народво овој историски момент категорично се определи за сопствена самостојна држава, за каква што се бореа илинденските борци.
При оваа нова политичка ситуација беше избран првиот повеќепартиски парламент на Република Македонија. На 25 јануари 1991 г. парламентот се изјасни за правото на отцепување од Југославенската федерација и беше земено решение за спроведување на референдум за независност. А на 8 септември истата година народот гласа за самостојна и независна Република Македонија. Со својот категоричен одговор „да“ на идејата за самостојност македонскиот народ всушност декларира и им даде недвосмислен одговор на сите соседи на Република Македонија, кои ја негираат македонската нација, јазик и култура, дека името на македонската држава е единствено и само Република Македонија. На 17 септември беше изгласана и Декларацијата за независност, а на 17 ноември 1991 г. беше изгласан Уставот. На 8 април 1993 г. земјата стана 181 членка на Организацијата на обединетите нации. Република Македонија денес е призната од 125 земји под нејзиното уставно име.
На 8 септември македонскиот народ го празнува својот национален празник и со чувство на достоинство ќе продолжи да ги применува во својата земја демократските принципи за стриктно почитување на правата на малцинствата. Всушност, Република Македонија во однос на почитувањето на правата и слободите на човекот и малцинствата останува како пример за многу земји во светот.
Но каков е односот на Бугарија и Грција кон Република Македонија денес, кога македонскиот народ ја празнува својата возобновена државна независност под своето историско име Македонија? За голема жал, денес тие не само што продолжуваат, туку и ги засилуваат своите мегаломански апетити кон Република Македонија, отворено и безобѕирно. Се разбира, таквата политика и пропаганда на двата соседи на Република Македонија исклучително многу им прилега. Да, им прилега, зашто пак не? Та, нели тие од векови сонуваат да ја заграбат Македонија! Отворената хистерична пропаганда среде граѓаните на овие две држави која непрекинато се развиорува до безобразност, е срам за нивните народи и за каузата на фундаменталните прогресивни идеи на европската заедница. А тие се членки на Европската унија!

Безумната бруталност на овие две соседни земји кон Република Македонија во негирањето на нејзиниот идентитет, култура, јазик, историско минато, всушност за македонскиот народ значи отворена војна. Каде е Европската унија? Ќе дозволи ли полудени ултранационалисти да ја убиваат преубавата идеја за слободна и обединета Европа?! Зашто секој народ го има своето исконско и свето право на самоопределба и свој национален идентитет. Кој ќе го негира тоа свето право на еден народ, кој?!...

Врати се на претходната страница   Врати се горе