Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
48-и Струшки вечери на поезијата

ПОЕТИТЕ ОСТАВИЈА АМАНЕТ

(Преземено од МИМ)

Среќни сме за овој фестивал, тој е најстар во светот и со таа своја моќ треба да продолжи да ја обединува светската поезија, рече лауреатот Томаж Шаламун, кому му беше врачен „Златниот венец“.
Културно богатство што му припаѓа на секој жител на планетата, настан што ја поврзува светската поезија и кој не смее да запре. Ова се дел од оценките што за Струшките вечери на поезијата ги дадоа поетите од целиот свет кои гостуваа на поетскиот собир. Фестивалот беше затворен на 23 август со поетската манифестација „Меридијани“, над реката Црн Дрим. На словенечкиот поет Томаж Шаламун му беше врачен „Златниот венец“. Усман Сар Сарус од Сенегал ја прими наградата за поет-дебитант „Мостови“, а Весна Ацевска - наградата „Браќа Миладиновци“.
- Одушевен сум. Открив многу енергетски точки околу езерото. Неверојатно колку е прекрасен овој простор. На едно место ги имавме петте континенти во најубаво светло. Видовме дека Македонија се грижи и вистински вложува во светската поезија. Тоа е особено значајно за вас како народ, како луѓе што придонесувате и му помагате на светот да го развива творештвото. Со тоа имате и одговорност кон овој фестивал, кој е најстар во светот и кој мора и понатаму да продолжи со сета своја моќ - рече Шаламун и додаде дека „Златниот венец“ ќе го стави во својот дом.
Годинашното, 48. издание на СВП беше најмногубројно досега. Учествуваа осумдесетина поети од светот и уште четириесетина домашни. „Музика и поезија“ беше мотото на фестивалот и тема на редовниот симпозиум. Во знакот на музиката и поезијата беа и полноќните поетски читања „Ноќ без интерпункција“, на кои пред многубројна публика домашни етно-состави одржаа три концерти.
Директорот на СВП, Данило Коцевски, најави дека ќе се анализира сета фестивалска програма.
- Фестивалот ги надмина нашите очекувања, особено според бројот на учесниците што дојдоа од многу земји. Битно е што видовме дека фестивалот живее, трае и во себе има посебна атмосфера што ја создаваат самите учесници. Годинава се родија нови идеи и се отворија вратите за нови соработки и преводи. Ноќите без интерпункција се покажаа како вистинско освежување за Вечерите. Наскоро ќе разгледаме да видиме што треба да се направи, што да се подобри, што да се додаде - рече Коцевски.
За секој од учесниците беше предвиден најмалку по еден настап на јавните поетски читања. Често, до последен момент не се знаеше кој кога и што ќе чита. Сепак, авторите беа задоволни од учеството на фестивалот. Повеќето од нив порачаа нашата земја да се труди континуитетот на Вечерите никогаш да не прекине.
- Ова е еден од најубавите фестивали на кои сум присуствувала. Сум била во многу градови, на многу поетски настани. Сите тие се добри и перфектни, но тука се почувствував неверојатно почитувана како поет. Секој имаше шанса да биде во контакт со публиката, да чита пред публика. Навистина се почувствував сакана. Не знаев ништо за оваа земја, а кога дојдов, одеднаш видов убавина. Поезијата е поврзана со човечките желби, страдања, емоции. Таа е дел од човекот. Дури и оние што не читаат поезија ја носат во себе. Таква порака поаѓа од вашата земја и таа не треба да запре. Продолжете да ја испраќате - вели Марам ал Масри, поетеса од Сирија. Адријан Аријас, поет од Перу, истакна дека Струга треба секој ден да живее во знакот на поезијата и тоа да биде негов светски препознатлив белег.
- Фестивалот ми донесе надеж за поезијата, која е речиси изгубена во светот. Но, дојдов во Македонија и повторно почувствував надеж дека поезијата е жива. Струга ја има оваа традиција, но би поттикнал тука постојано да се живее со поезијата. Таа да е белег на овој град и на оваа земја. Поезијата е место каде што историјата на животот се чува низ чувства - истакна Аријас.
Поетите посетија повеќе наши градови. На 25-ти август во 10 часот, во Друштвото на писателите на Македонија, лауреатот Шаламун беше прогласен за почесен член на ДПМ, а во 12 часот на Матка имаше и поетско матине. Струшките вечери беа затворени со поетски митинг во 21 часот во Сули ан, во скопската Стара чаршија.

Врати се на претходната страница   Врати се горе