Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Навиките на пропагандата
КАЛЕНДАРСКИ ПРОВОКАЦИИ
Стефан Влахов-Мицов
Уште од времето на Тодор Живков бугарската пропа-ганда агресивно ги користи историските датуми и празници. Обидот за атентат на писателот - дисидент Георги Марков во 1978 г. во Лондон беше извршен на роденденот на Живков. Мехмед Али Агџа, обучуван од бугарските тајни служби, тешко го рани папата Јован Павле Втори на голем католички празник. Во последните десетина години бугарските политичари и државници испратија нагли предлози кон Р. Македонија за заедничко празнување на историски настани како Илинденското востание, макар што во 1903 г. тогашната бугарска држава им „помогна“ на Македонците толку колку што сегашна Бугарија за приемот на Р. Македонија во НАТО на самитот во Букурешт. Откако бугарската политика разбра дека таков вид провокации не се дозволени, презеде нова тактика. Македонското знаме пред културно-информативниот центар во Софија беше крадено петпати спроти македонски национални празници како 24 Мај, Втори август и Осми септември. За минатогодишниот бугарски празник трети март беше организирана провокацијата на Драги Карев во Велес. А, бугарскиот конзул во Битола посака од македонските фирми да го спонзорираат јубилејот на санстефанска Бугарија. Во предвечерјето на годинашниот трети март се појави следната бугарска провокација. Овој пат за „воените споменици“. А, за денот на Илинденското востание, Втори август бугарската пропаганда го организира скандалот со Спаска Митрова.
Карактеристичен белег на бугарските провокации е дека целат едновремено кон неколку цели. Затоа што се календарски обмислени, кон првостепената задача се додаваат неколку „актуелности“, поврзани со моментната политичка ситуација. Бугарската пропаганда, околу трети март, на пример, имаше за цел, од една страна, да ја сокрие од јавноста тукушто излезената остра критика од Европската комисија против расизмот и нетолерантноста за ускратените права на Македонците, Ромите, Помаците и на Турците во Бугарија. Всушност, сакаше да го оттргне вниманието од шовинизмот на бугарските медиуми со посредство... на шовинизмот. Отворајќи дебата за т.н. воени споменици, за да ги оцрни Македонците како нецивилизирани и нетолерантни. Од друга страна - да биде затруена атмосферата пред официјалната посета на претседателот на македонскиот парламент Трајко Велјановски во Софија. Од трета - да се реанимира лозунгот за „Бугарија на три мориња“. Во актуелниот случај „Спаска“ конкретните организатори на провокацијата се истите - Каракачановото ВМРО и агенцијата „Фокус“ на другиот агент на ДБ Красимир Узунов. За првпат по повеќе години бугарските врховисти не влегоа во парламентот и независно од еквилибристиката Каракачанов не стана пратеник. Не само тоа. Ред партиски организации му бараат оставка. Стравот за удобното место на партиски лидер, кој располага со огромни финансиски ресурси од имотите на македонската емиграција во Бугарија, го прави двојно поагресивен. Затоа уште на втори август К. К. посака Бугарија да стави вето не само на членството на Р. Македонија во НАТО и во ЕУ туку и на безвизниот режим за македонските граѓани. Освен тоа, К.К. му заповеда на бугарското Министерство за надворешни работи да протестира кај македонскиот амбасадор во Софија. Во цивилизираниот свет таков акт без пардон од страна на ултранационалистичка (и вонпарламентарна) партија ќе остане без одговор. А, може да предизвика и обратна реакција- финансиска и даночна проверка на самата партија. Но, во Бугарија властите ја исполнија заповетта на националистите. Затоа што самата бугарска држава (како и грчката) е агресивно-националистичка. И нема значење дали управува Живков, Станишев или Борисов. Силата на една кампања зависи од тоа колку се покриваат интересите на учесниците. Јасно е дека ВМРО (Каракачанов), „Фокус“ (Узунов) и бугарските медиуми се деноноќно подготвени за антимакедонска кампања. По свој ред новата бугарска влада на Борисов сакаше да покаже сила. И тргна од „најлесниот“ противник - Р. Македонија. Може и тука да застане, затоа што од Брисел, Москва, Анкара веќе реагираа. Освен тоа, Бугарија секогаш сакала слаба Македонија за да може да и „помогне“. Но, укинувањето на визите од почетокот на 2010 г. ги обезвреднува бугарските пасоши во очите на Македонците. Со два збора - Бугарија губи сериозен стратегиски адут. Очекуваниот позитивен извештај од ЕУ за напредокот на Р. Македонија ја изнервира не само Грција, туку и Бугарија. Бидејќи евентуалното вето против преговорите на Р.Македонија со ЕУ не може повеќе да се мотивира економски. Целиот свет веќе разбра дека станува збор за ново издание на балканската агресија (по таа во 1913 г.) против Македонија. Цврстата заштита на македонското име и идентитет ја потврдуваат таа вистина. Со успех не се овенчуваат и постојаните обиди на Бугарија да ја дестабилизира Р.Македонија преку албанскиот фактор. Случајот „Спаска“ се преплетува и со т.н. случај „Радко“. Целта на таа пробугарска група, очигледно, не е да биде регистрирана официјално од македонските власти. Инаку, немаше во програмата да вклучи: 1) антинационални и антидржавни идеи, кои нема да ги одобри ниту еден суд во светот и 2) текстови што претставуваат политички памфлет, а не правно издржан документ. Стремежот е да се крева врева заради откажувањето од регистрација. Значи, бугарската пропаганда „го замрзна Радко“ за понатаму (за откажаната регистрација соопшти само еден весник) и ја извади „Спаска“. Се чини беше оценето дека еден емоционален фалсификат може да мобилизира повеќе енергија и медиумската војна да трае подолго, отколку тој како резултат на политички фалсификат. Очигледно е дека и кампањата почна само еден ден откако беше објавено името на новиот македонски амбасадор во Софија. И тука станува збор за двојна политичка манипулација. создавање негативна атмосфера пред стапувањето на должноста на Александар Василевски. И обид за психолошки притисок врз него во контекстот на неговиот прекинат дипломатски мандат во Србија откако Р.Македонија го призна Косово.
Пропагандната кампања „Спаска“ се водеше по две линии што заемно се надополнуваа, кои воопшто не се интересираат за вистинските факти. Единствен заеднички рефрен во нив беше во походот „А, вие зошто ги тепате Црнците?“ Инаку, секој медиум пишуваше различно за бракот и за разводот на Спаска. Нејзиниот сопруг беше ту етнички Србин, ту Македонец со српски дух. За време на кампањата детето и „порасна“ од неколкумесечно до две и полгодишно. Само што во овој случај се јави загатка зошто е неопходно да го дои, каков мотив извлекоа од него противниците на разделувањето нејзино од него. Извлечените пропагандни аргументи се противречни едни на други, но тоа не ја поматуваше кампањата. Никој не објасни како Спаска, која веќе имала „тумори на градите“ воопшто го доела, зошто кога веќе имала силно бугарско самосознание се омажила „со голема љубов“ за човек со спротивставена позиција, како може судијката што ја осудила да ја нарече „бугарска кучка“ и во исто време да и е кума. И зашто кога била „многу болна“ не се лекувала, туку веднаш откако добила бугарски пасош влегува во здружението „Радко“? И целиот тој хаос во ситуација кога бугарски дописнички екипи залајаа на Р.Македонија, а обемот на репортажите го натфрли тој на „Војна и мир“.
Во исто време бугарската влада секавично извести дека случајот „Спаска“ е критериум на подготвеноста на Р.Македонија „ да ги направи нужните реформи за европската интеграција на државата“, т.е. без да и бидат познати фактите, се заложи за промени. А, дека фактите и беа непознати на бугарската држава, покажува врачената нота на 4 август. Со неа Бугарија настојува за „брзо надминување на случајот“, но внимавајте - и за промена на судското решение, со кое Спаска е осудена на тримесечен затвор во типично семеен спор. Поинаку кажано, бугарската нота сакаше преразгледување на делата против Спаска без разлика какви се фактите. А, тоа е класично мешање во внатрешните работи на суверена држава. Во сличен случај, Бугарија не ја преразгледа пресудата и не ослободи еден англиски хулиган, и покрај притисокот на Велика Британија. За „Спаска“ европратеникот Е. Кирилов објави дека ќе постави прашање во ЕУ што е врв на арогантност. Државата со најкорумпиран судски систем во ЕУ се доживува како нејзин цензор токму во областа на правосудството и човековите права. Еден бугарски министер без портфељ (и без многу други нешта), пак, уште пред да биде определен периметарот на неговата синекурна должност, реши да ја искористи вревата за да им придаде институционална тежина на своите „бисери“. Дека ќе ја реши демографската криза во Бугарија преку давање бугарско државјанство на 30.000 странци секоја година (бугарското државјанство се дава од вицепремиерот). Или тој лично ќе ја смирувал Спаска со сопругот (е, нели се разведени?). Откако овие денови беше назначен нов шеф на Дирекцијата за Бугарите во туѓина, реалната функција на споменатиот министер се чини ќе биде да биде спикер и интерпретатор на ВМРО (Каракачанов).
Хистеријата „Спаска“ го докажа следново:
1) Пријателството на бугарските институции и медиуми кон Р.Македонија е како на волкот кон јагнето во познатата басна.
2) Најдобриот одговор на таквото „пријателство“ се ладнокрвни, но категорични дејства од страна на македонската влада. Како што беше во случајот. Истовремено, македонската јавност беше веднаш и широко информирана за тие дејства. Таа отвореност и решителност ги изненади бугарските власти, кои секогаш се подготвени за заткулисни игри и притисок.
3) Во својата антимакедонска пропаганда бугарските институции и тајни служби користат лични или семејни проблеми на македонските граѓани за да ги манипулираат. Луѓе како Спаска, Карев, Илиевски и др. се само пиони што ќе бидат исфрлени и заборавени откако ќе бидат употребени. Во 2006 г. „Бугаринот“ Илиевски двапати го посети Културниот центар во Софија со многу интересни сведоштва во таа насока.
4) Ако го имаме предвид календарскиот циклус на бугарската пропаганда, нејзините следни активности можеме да ги очекуваме околу 22 септември - Денот на бугарската независност, 23 октомври - Создавањето на ВМРО и најмногу околу 7 декември - на стогодишнината од раѓањето на Вапцаров.
Бугарската државна телевизија, државното радио, агенцијата „Фокус“, весниците „Труд“ и „24 часа“ имаат постојани дописници од Р. Македонија. А, од средината на 2000 година во Софија нема ниту еден македонски новинар, кој ќе ги набљудува одблиску однесувањата на бугарските медиуми и институции. Тоа е исклучително негативен факт не само од информативна туку и од стратегиска гледна точка.
(Авторот е универзитетски професор)
Врати се на претходната страница
Врати се горе