Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
По почетокот на акцијата на Егејците за судење на Грција

5000 БАРАЊА ВО ОБРАБОТКА

(Преземено од МИМ)

Неколку месеци откако почна да работи Координативното тело што треба да им помогне на протераните Македонци од Грција да си ги вратат имотите стигнаа и забелешките за неговото функционирање. Никола Костурски, претседателот на Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција и член на координативното тело, неодамна за Радио Слободна Европа изнесе забелешки за функционирањето на телото што го формира Владата.
- Ова тело постои од Нова година. Одржани се два состаноци. По вториот состанок се смени претседателот. Именуван е друг, кој не знае што треба да се работи, односно од почеток пак се докажуваме кој сме, што сме и што бараме, па сй до дискусии дека ова нешто не може да помине во Стразбур - изјави Костурски.
Во изјава за „Нова Македонија“, пак, тој ги повлече ваквите ставови.
- Во моментов телото е во процес на формирање адвокатски тим. Ќе се формира тим од Грција и од Брисел, а од Македонија веќе имаме адвокат. Тоа е она што можам да го кажам за телото - рече Костурски.
Олгица Василевска, службеничка од Министерството за надворешни работи која долго време работи на случаи во Стразбур, од мај е претседателка на координативното тело.
- Од моето доаѓање досега е направено неверојатно многу. Јас и целото тело сме оптимисти. Имавме два работни состанока, направивме стратегија и платформа врз основа на резолуцијата што е донесена од Собранието на 27 август минатата година. Имаме голема поддршка од Владата, но проблемите се тешки и бараат време - вели Василевска.
Таа додава дека проблем претставуваат и несогласувањата меѓу здруженијата на протераните Македонци.
- Здруженијата, за жал, се разединети и може да се обидеме духовно да ги обединиме, со што нема меѓусебно да се попречуваат со различни идеи и ќе ги следат активноста и предлозите на Владата, а нормално дополнително ќе ги прифаќаме и нивните предлози. Така ќе можеме да се концентрираме на целта: враќање на имотот и на државјанствата и евентуално надомест на право на претрпена штета - вели Василевска.
Објаснуваќи ја правната процедура таа додава дека процесот за враќање на имотите ќе трае долго. Прво, како што објаснува Василевска, треба да се поминат сите инстанци во грчките судови и, доколку апликациите на сите три нивоа бидат одбиени, дури потоа може да се почне со процедурата во Стразбур.
Во спротивно, ако не се задоволи процедурата во Грција, која според тамошните закони може да трае и до пет години, тужбата пред Европскиот суд за човекови права ќе биде одбиена.
- Од комуникацијата со здруженијата сфатив дека голем дел не го познава начинот на кој функционира судот и од тоа произлегуваат голем број забуни и недоречености, ситуации во кои тие мислат дека работите може да се решат многу побрзо - вели Василевска.
Досега само преку две здруженија на протераните Македонци се поднесени околу 5.000 апликации за враќање на имотите, кои се во процес на обработка. Повеќе активности се очекуваат од наредната година, бидејќи координативното тело засега нема пари. Василевска вели дека од наредната година ќе добијат финансиски средства.

Врати се на претходната страница   Врати се горе