Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Анализа
МАКЕДОНСКАТА НЕЗАВИСНОСТ И БУГАРСКОТО ПРИЗНАВАЊЕ
Стефан Влахов-Мицов
Последниве години бугар-ските политичари и држав-ници не испуштаат ниту една можност да нагласат дека Бугарија прва ја признала Република Македонија. Во двостраните контакти тоа постојано истакнување има за цел Македонците во секое време да ја истакнуваат својата благодарност. Да им биде наметнато дека суш-тествувањето на македон-ската држава се должи на Бугарите. На меѓународен план таа махинација или уцена треба да покаже дека Бугарија нема територијални претензии кон Р. Македонија, од една страна и од друга, Бугарија да си обезбеди карт-бланш за притисок врз Македонија. Парадоксот е во тоа што денешните бугарски политичари немаат ништо заедничко со актот на 15 јануари 1992 г. Дури и повеќе. Поголемиот дел од нив беа жестоки противници на признавањето, а денес, како што се вели „со туѓа пита прават помен“.
За тогашните настани познатата новинарка Татјана Ваксберг пишува: „ Решението беше донесено брзо и радикално, во отсуство на бугарскиот министер за надворешни работи и со демонстративно пренебрегнување на заеднички истакнатите аспекти кон Македонија. Тогаш масовно се тврдеше дека Филип Димитров и заменикот министер за надворешни работи Стефан Тафров ги пречекориле своите надлежности“. Во својата статија „Бугарските признавања“ поранешниот премиер Ф. Димитров потсетува: „Внатре во Бугарија работите беа драматични. Парламентот беше поделен. Владата помалку. Претседателот не изрази желба да го помогне решението - се наоѓаше меѓу два изборни круга“. Македонскиот референдум за независност на 8 септември 1991 година во Бугарија беше примен двострано. Заблудените бугарски граѓани од пропагандата се изненадија бидејќи повеќето од нив мислеа дека кога Југославија ќе се распадне Македонија ќе посака да се обедини со Бугарија. Бугарските политичари - обратно. Како организатори на повеќедецениската антимакедонска пропаганда тие добро ја знаеја вистината и почнаа да стравуваат за Пиринска Македонија. Затоа уште во првите месеци по паѓањето на Живков репресираните Македонци во Бугарија организираа многуилјадни протести на кои ги побараа своите права. Признавањето на Р. Македонија беше критериум според кој се чинеше дека Бугарија е во состојба да се ослободи од своите шовинистички митови, да расчисти со минатото не формално, туку реално.
По повод реакциите за тој акт експремиерот Ф. Димитров вели: „Спротивставување имаше од политичарите, не од нацијата. Нацијата прифати дека токму тоа требало да се направи. На тие политичари од СДСУ (тогашната владејачка коалиција) им недостасуваше модерно мислење и тие размислуваа или балкански, или со поимите на 19 век. Кај комунистите беше посложено. Тие сфатија дека тоа е чекор во дослух со предизвикот на денот- чекор со кој почнува патувањето на Бугарија на Запад. Нив тоа тогаш ги измачуваше и затоа тие не застанаа на нозе, кога беше објавено признавањето“.
Ф. Димитров е еден од најмладите премиери во бугарската историја и единствен кој во последните 20 години побара доверба од парламентот. И ја загуби. Илустративно е дека во истиот период не успеа ниту еден чин на барање доверба. Тоа значи дека владата на Ф. Димитров можеше да издржи не само една година туку цел мандат. Само што за таа личност премиерството не беше цел само по себе, ниту пак политиката. Тој се повлече и од двете кога разбра дека Бугарија не може да стане вистински нормална и демократска држава. Токму 15 јануари е денот кога Ф. Димитров за првпат сериозно се посомнева во подготвеноста на бугарската политика да тргне по нов пат. Утредента имаше заседание на консултативниот совет за национална безбедност кај претседателот Желев на кое присуствуваа министри, лидери на парламентарни групи и претседатели на парламентарни комисии. Заседанието беше мачно и помина во жестоки спорови дали да биде признаена Р. Македонија. Министрите за одбрана Димитар Луџев и за правосудство Светослав Лучников настојуваа да се почека. Воздржан беше и тогашниот министер за финансии Иван Костов. Потпретседателот Атанас Самарџиев отворено беше „против“. Тогаш првиот заменик министер за надворешни работи Стефан Тафров изјавил дека располага со факти дека Р. Турција се подготвува да ја признае прва Р. Македонија. Неговиот исказ ги наелектризирал политичарите што не сакале да допуштат Бугарија да биде престигната. Тафров ја искористува ситуацијата и подвлекува дека Министерството за надворешни работи е „за“ признавањето. Тоа не беше точно затоа што министерот Стојан Ганев, кој што отсуствува од Бугарија беше „против“. Се вмешува шефот на разузнавањето Бригадир Аспарухов кој тврди дека ако Бугарија изврши признавање. „Србија ќе не нападне“. Споровите одново се распламтуваат, а претседателот Желев макар и внатрешно да е „за“ се плаши да даде отворена поддршка. На крајот се зазема принципиелно решение Р. Македонија да биде признаена, но без да се прецизира кога.
Вториот чин почнува со заседанијата на парламентарните комисии за надворешна политика и национална безбедност. Во тоа време амбасадорот во Белград Марко Марков испраќа телеграма со настојување Р. Македонија да биде признаена, во меѓувреме се произнесува и министерот за надворешни работи Ганев со барање да се почека. Тогаш Ганев беше во Германија и му поѕвонил на претседателот на парламентот Стефан Савов кој што пак во тој момент бил во Мадрид. Му ѕвони и на премиерот Ф. Димитров. Савов се согласува со министерот за надворешни работи дека не треба да се брза. Премиерот е со спротивен став. Претседателите на комисиите за надворешна политика Александар Јорданов (иден шеф на парламентот, а подоцна амбасадор во Р. Македонија) и за национална безбедност Јордан Василев) (сопруг на идната вицепретседателка Блага Димитрова) настојуваат да се почека до враќањето на министерот Ганев. Поинаку кажана ситуацијата и во парламентот останува нејасна. Третиот чин почнува со вечерното вонредно заседание на владата. На него премиерот Ф. Димитров подвлекува дека „секој пропуштен ден значи можност популистите да ја присвојат и да ја потрошат македонската кауза“. Со респект кон неговата активност министрите му даваат одврзани раце да дејствува како што смета дека е најдобро. Поранешниот премиер се сеќава: „Како глупак го поканив на чашка коњак МС во мојот кабинет. Тафров беше побрзал да го подготви претседателот за неговата изјава. Во кабинетот Луџев, Костов и Карадимов беа за тоа да не кажуваме дека сме извршиле признавање и да го одложиме решението до одобрувањето на двете комисии, откако ќе се вратат Савов и Ганев. На мое ужаснување се оформи мнозинство и се реши да дејствуваме така. По половина час, откако сосема го сфатив апсурдот на ситуацијата, решив сам да го објавам признавањето...Го известив претседателот, кој што искрено ме поддржа за решението и отидов во собранието“. Кратко време откако Ф. Димитров ја соопшти новината од трибината во телевизиско обраќање кон нацијата Желев ја призна независноста на четирите поранешни југословенски републики. Неколку минути по изјавите на премиерот и претседателот на софискиот аеродром пристигна министерот за надворешни работи Ганев, а половина час подоцна и шефот на парламентот Савов. Со нивното враќање почнува четвртиот чин од драмата. Ганев и Савов изјавуваат дека поднесуваат оставки. Пламнуваат нови дебати и на крајот искупувачка жртва станува заменик министерот Тафров. Премиерот Ф. Димитров ја потпишува оставката на Тафров и се расплакува на скалите во парламентот, заканувајќи се дека тоа е последен пат да прави оставки на министерот за надворешни работи. Актот на признавањето на Р. Македонија од Бугарија се наметнува како станица за вистинското пријателство меѓу двете држави и нации, поради саботажата на бугарските политичари. Министерот Ганев предизвикува зачуденост кај странските амбасадори со објаснувањето дека Бугарија ја признава територијата, но не и македонската нација. Тој не го поддржа ниту тргањето на ембаргото за увоз на оружје спрема Р. Македонија. Долго време Бугарија не испраќа свој амбасадор во Скопје. Горчливи, но точни се зборовите на Ф. Димитров: „ И до денес многу бугарски политичари за политиката мислат како за чаршијата. Што ќе ни дадат, како да се пазариме, кој ќе не поддржи“.
Во тој период подготвениот „развод“ меѓу Чешка и Словачка е пример како може да се решаваат и најтешките проблеми. Притоа, во случајот со Чекословачка станува збор за народи кои живеат во една држава. Да не заборавиме дека во целата историја Словачка била самостојна држава само неколку години (од 1938 до 1944) . Освен тоа Словаците говорат на јазик кој е многу близок до Чешкиот. Но Чесите не тврдат дека Словачкиот е дијалект на Чешкиот. Ниту пак имаат претензии кон словачката нација. Дури и повеќе од тоа. Дел од населението во самата Чешка уште во 1991 г се изјасни за моравско по националност. Да се потсетиме дека моравското кнежевство било создадено кон крајот на 8 век и постоело само еден век и половина. Ако беа бугарските историчари веднаш ќе заурлаа: какви Моравци, какви Словаци, какви јазици? Чесите и Словаците отидоа уште понапред и ја разделија не само државата туку и историското и културното наследство преку создадените за тоа заеднички национални комисии. Денешниот проблем меѓу Словачка и Унгарија во основа се темели на илјадагодишното унгарско владеење над Словаците. Но и тој проблем веќе се решава цивилизирано. Затоа што каква е смислата на историјата ако пречи на сегашноста и на иднината?
Жално е што модерниот европски пример со Чешка и Словачка останува туѓ и далечен за бугарските политичари. Во неодамнешното интервју заменик министерот за надворешни работи Марин Рајков од една страна посочува дека Бугарија нема да ја саботира Р. Македонија на патот кон НАТО и ЕУ и говори за европските вредности и перспективи. Од друга страна тврди за наметнати „измислени разделни линии меѓу луѓето од нашите држави“, за заеднички „културни и историски традиции“, за „митологеми“ што го визираат македонскиот идентитет. Само што таквите тврдења не се впишуваат во европските вредности и перспективи. Бугарија не може еднострано да определи што има и што нема во бугарско-македонските односи. Се едно некој да се всели и да живее во твојата куќа и откако ќе го избркаш да има претензии за „заедничкото“ ви минато. Македонците со бугарско сознание во Р. Македонија „можат да уживаат почит и доверба од македонските власти“ како што сака Рајков, само ако се лојални кон македонската држава, нација, јазик и култура. Инаку се, едноставно, тројански коњ во служба на бугарската кауза. Туку тоа им го кажа пред една година на бугарското малцинство во Србија тогашниот премиер Жан Виденов, како одговор на барањето да им издејствува автономија. И беше оцрнет од бугарската јавност како предавник. На петти септември вечерта не им поверував на ушите кога бугарскиот премиер Борисов на пречекот на туристи од Охрид наместо да говори за таа драма, ги заврти нештата околу Спаска Митрова. Неговите зборови беа: „Македонците треба да се засрамат за Спаска“. Претседателот Прванов кој долета во Охрид упорно го одбегнува зборот „Македонци“ и говори за „населението во Р. Македонија“. Но, едновремено со тоа бараше доверба меѓу двете влади. Затоа Бугарија ќе стане нормална држава кога нејзините „претседатели“ ќе станат нешто повеќе од нејзините „патриоти“. (Авторот е универзитетски професор)
Врати се на претходната страница
Врати се горе