Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Мега интервју: Митрополит европски, г. Пимен

НЕ ОТСТАПУВАМЕ ОД АФТОКЕФАЛНОСТА


Со своите 38 години, по г. Иларион (34 г.) и г. Климент (37 г.), г. Пимен Илиевски е најмлад во редовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква. Пред три години, тој е поставен за митрополит Европски, при што го сели седиштето на епархијата во Малме, Шведска.
Важи за еден од постабилните, посмирените владици на нашата Црква, еден од ретките Архиереи на МПЦ зад кого не се влечат различни ‘опашки’ од минатото.

Вашето седиште како Европски митрополит се наоѓа во Малме (Шведска), но Вие сте постојано низ европските градови, на сослуженија во цркви пред македонски верници. Од досегашното искуство како епископ Европски, може ли да оцените која македонска црковна општина е најголема во Европа и како воопшто се организирани Македонците на ‘стариот континент’ во поглед на својата црква?
Црковната општина ‘Св. Наум Охридски’ во Тринген (Швајцарија) е убедливо најголема. Неодамна таму се заврши со градба и беше поставен крстот, настан на кој присуствуваа преку 1.500 луѓе. Не многу помали општини се и ‘Св. Архангел Михаил’ од Неиве и ‘Св.Прохор Пчињски’ од Пјаченца, и двете во Италија, каде се поставија и се осветија иконостасите во црквите што ни се дадени на користење. Останатите општини низ Европа се помали, но не значи дека се и помалку активни. Обично црковни општини има секаде онаму каде околу еден поголем град во кој гравитираат две до три илјади православни Македонци.
Во последно време се чувствува една поголема раздвиженост низ епархијата скоро низ сите црковни општини. Шведските општини од Малме и Гетеборг можат да се пофалат со своите храмови, Дортмунд исто така. Во Германија, на пример, во Мајнц започнавме градба на сопствен храм, во Берлин градиме параклис, додека во општините околу Минхен организирани сме како парохија што има свештеник и редовни богослужби и со сопствен храм во Ален. Лондон, иако млада општина, го покриваме со свој свештеник и редовни богослужби, а Париз е познат по фреско-живописот и редовниот богослужбен живот, додека Виена со купениот простор за изградба на црква. Хрватските општини имаат голема активност и готов проект за црква во Загреб, а значителна раздвиженост се чувствува и во Словенија.

Има ли се’ уште места во Европа, каде има поголем број на Македонци, а не се црковно организирани ? Се појавува ли некаде дуализам во поглед на верниците со Српската Православна Црква, Грчката Православна Црква или некоја од другите православни цркви?
Имам сознанија дека во Норвешка има позабележителна македонска дијаспора, но за жал се’ уште не постои црковна општина, иако веќе имам остварено контакти со некои нашинци оттаму, што се заинтересирани за тоа, и само е прашање на време кога ќе се организираме. А, онаму каде што немаме црковни општини или пак каде што има општини, ама нема редовни богослужби, нашинците посетуваат некоја од другите Православни Цркви. Според нивните искази, најпријатно се чувствуваат во Руската Црква, каде не ги замараат со црковна политика и балкански национализам!

‘ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА’ ЈА ЗАШТИТИВМЕ ЗА ЈОВАН ДА НЕ ЈА ПРЕСТАВУВА КАКО ДЕЛ ОД ГРЧКАТА ЦРКВА

Иако Македонската Православна Црква, упорно, се обидува како чиста формалност да го претстави официјалното додавање на ‘Охридска Архиепископија’ на сопственото име за домашна и меѓународна употреба, сепак, во јавноста е единствен впечатокот дека се работи за потег со кој МПЦ се повлекува од цврстите позиции во однос на преговорите за добивање на автокефалност?
Во преамбулата на нашиот црковен устав стои дека МПЦ е возобновена Охридска Архиепископија! Ние сме горди на нашите корени и на тоа што сме возобновители на оваа, на времето, славна и многу значајна Архиепископија во православниот свет. А, каква промена на име правиме и што ново додаваме кога и во титулата на нашиот Архиепископ стои дека тој е Архиепископ Охридски и Македонски? Ние, како МПЦ, не се обидуваме ова актуелизирање на еклисиолошкото име на нашата Црква да го сведеме на формалност, за да утешиме народ или сами да си залажеме совест. На претстојниот Црковно-народен собор, сите, соборно, само ќе ја потврдиме оваа одлука со која ќе се допојасни и правно заштити ова име како и нашиот историски континуитет во време кога право на користење на име пројавува паралелната ерархија инсталирана од соседните цркви во Македонија. Преку обидите за нивно регистрирање бевме сведоци и на обидот да се претстави Охридската Архиепископија како дел од Грчката Црква при Пеќката Патријаршија. Случајно ли е тоа што некои од нив се обидуваат преку медиумите и преку нивната интернет-страница да ја пофалат МПЦ за овој потег? Целта е да исценираат сомнеж кај народот дека, во дослух со нив, или со соседните цркви, правиме отстапка, па под притисок на јавноста да се откажеме од намерата за името Охридска Архиепископија да остане правно незаштитено, па тие повторно да се обидат да побараат регистрација под тоа име во судскиот регистар!

Конкретно, би прифатила ли МПЦ добивање на автокефалност, само врз основа на додавката ‘Охридска Архиепископија’, без, притоа, во официјалните документи, да се споменува ‘Македонска Православна Црква’?
Првенствено, ова дообјаснување се прави за внатрешна употреба, а не за надворешна. Не мора да бараме поврзаност во притисокот кон државата за добивање на додавка на името, со обидот да го возобновиме нашето еклисиолошко име, бидејки сите цркви што функционираат во земји каде доминантно е православното население имаат национално име, но секогаш го користат и ова еклисиолошко име, што го добивале историски, според седиштето на таа Патријаршија или Архиепископија. Онаму, пак, каде што постои Православна Црква, а каде православното население е малцинство, тие цркви го задржале само старото име (пример: Цариград, Ерусалим, Антиохија, Александрија). Православните цркви, во меѓусебната комуникација, во пракса, често ги користат и едното и другото име, или, пак, и двете. Во ниту едни разговори, околу признавањето на нашата афтокефалност, не сме биле условени со промена на име, па оттаму и ме чуди ова размислување на одредени медиуми, а преку нив и на дел од јавноста, дека тука има некоја завера или пак отстапка пред некого од наша страна. Одговорно тврдам дека, во случај тоа да ни било поставено како услов или барање од надвор, за наше прифаќање во православниот свет, дека ќе беше отфрлено од старт и немаше ни да се поставува како амандман на скорешниот Црковно-народен собор на МПЦ.

Со оглед на тоа што Вие сте митрополит Европски, какви се реакциите на ‘стариот контитент’ од страна на претставниците на останатите цркви, во однос на ваквиот потег на МПЦ?
Во досегашните мои контакти со претставниците на останатите Православни Цркви низ Европа, не се отворило ова прашање, можеби, од едноставна причина што до нив не ни пристигнала информацијата, а и тие не размислуваат како нас, македонски, знаат дека во тоа нема заговор и скриени намери.

Имате ли контакт со некого од Српската Православна Црква или од Грчката Православна Црква при Вашите европски патешествија и како тие го прифатија овој потег на МПЦ?
Одржувам редовни контакти со претставниците на Грчката, Српската и Романската Црква, кои имаат свои Архиереи во Скандинавија, а исто така сум остварил повеќе средби и со Архиереи на други цркви и при моите постојани патувања низ Европската епархија. Сум со сретнал со повеќе од половината православни епископи кои делуваат на територијата на Западна Европа.
Ќе повторам, и нивните Цркви, во своите устави, го имаат историското име како второ име или додавка, па не гледам зошто би не пофалиле или поќудиле за овој потег или, пак, зошто воопшто би ја отварале оваа тема? На нив, како луѓе од црква и познавачи на еклисиологијата, им е совршено јасно зошто се употребуваат и двете имиња на црквите.

АВТОКЕФАЛНОСТА ЗАВИСИ ОД НОВИОТ СРПСКИ ПАТРИЈАРХ, НО НЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ СО АВТОНОМИЈА

Реално, можеме ли да очекуваме признавање на автокефалност од страна на СПЦ или само автономија?
Нашата позиција во преговорите, повеќепати повторена, е јасна - не се враќаме чекор назад и не отстапуваме од прогласената автокефалност! Со оглед на тоа што и двете страни се обидуваме да најдеме термин за продолжување на преговорите, секако дека има реална можност да се надмине овој повеќедецениски спор и ние да добиеме признавање на нашата афтокефалност и вбројување во семејството на Православните Цркви. Тоа многу зависи и од претстојниот избор за нов патријарх во СПЦ, а не од нашиот Собор и одлуките донесени на него, вклучително и оваа актуелнава.
Вселенскиот Патријарх, Бартоломеј, во ексклузивна изјава за ‘Фокус’, пред десетина години, истакна дека доколку се нарекува ‘Охридска Архиепископија’, МПЦ веднаш ќе биде признаена! Сметате ли дека со овој потег на Македонската Црква, всушност е остварено барањето на Бартоломеј?
Да, се сеќавам на неговата изјава, исто како што се сеќавам и на неговата препорака кон МПЦ - прашањето за конечно признавање на нашата црква да го решаваме со СПЦ! И на што сега да веруваме? Во православието, ништо не зависи само од Вселенскиот Патријарх и неговите изјави. Тој е само прв меѓу еднаквите и самиот ништо не може ниту да одлучи, ниту да спроведе. Времето ќе покаже дека и по нашиот Собор и допојаснувањето на името на МПЦ, преку Охридска Архиепископија, воопшто нема да се направи никакво поместување во односите со Цариградската Патријаршија. Да не се залажуваме дека ова ќе одекне громогласно во православниот свет и дека ќе даде којзнае каков ефект. Подобро да не креваме врева околу ова прашање, туку да се насочиме кон наше, прво лично, а потоа и соборно покајание. Смирено да чекаме, да се молиме на Бога да ни го отвори патот кон зедничко богослужење со сите Православни Цркви, бидејќи лично верувам дека преку тоа може да се навиди решението, а не преку некоја интервенција во уставот на нашата Македонска Православна Црква.

Ако, минатата година, немаше единство во врска со додавањето на ‘Охридска Архиепископија’ како точка на дневен ред на Црковно-народниот собор, за вклучување во уставното име на МПЦ, на седница на Синодот, годинава, зачудувачки, сите бевте единствени. На што се должи тоа?
Веќе споменав што точно значи ова дополнување на името. Сите во САС на МПЦ го разбравме така и затоа денес сме единствени по тоа прашање.

И НИЕ ДА САКАМЕ, НАРОДОТ НЕМА ДА ДОЗВОЛИ ВРАЌАЊЕ НА ЈОВАН И НЕГОВИТЕ ВО САС НА МПЦ

Доколку влезете во завршна фаза со СПЦ за признавање на ‘само-стојност’ на МПЦ, и како последен услов добиете да се врати Јован Вранишковски во клирот, па и во САС на МПЦ, дали лично Вие, а и останатите владици, ќе гласате за негово враќање?
Како црква, веруваме во покајание на секого. Но, покајанието не е зборот ‘прости’, туку покајанието се гледа од делата што потоа ќе ги правиме, а кои треба да се чиста спротивност на дотогашните грешни дела. Лично, мислам дека по сите оние навреди кон нас како Црква, Синод и како личности, искажани од негова страна, тешко дека човекот би побарал прошка, па сходно на тоа, тешко и дека некој би кренал рака да гласа за негово вракање.
Од друга страна, тоа би било навистина непристоен предлог од страна на СПЦ, ако воопшто го стават ‘на маса’.

А, ако успеете да го избегнете Јован, а СПЦ ве услови со неговите двајца следбеници, ‘епископите’ Давид и Марко, ќе се согласите ли да добијат место покрај Вас во САС на МПЦ, точка што се најавува дека ќе биде ставена на дневен ред во преговорите од страна на Српската Црква?
Тие двајца ‘епископи’ не се ракоположени од нас и за наши потреби, нив ги ракоположила СПЦ, за свои потреби, па сега тие треба да бидат нивна грижа, а не наша. А, дали мислите, во случај ние да им простиме и ги примиме во нашите редови, дека обичниот народ ќе ги прифати и ќе ги следи? Секогаш со сомнеж би се гледало кон нив, а со тоа и нивната мисија меѓу народот би била невозможна. Говорам од пастирски аспект. Еве, на пример, Бугарската Црква, со обединувањето, што значајно им даде на епископите од паралелната епархија?

Дали сте уверени дека со добивањето на автокефалност од страна на нашата Мајка Црква - Српската Православна Црква, ќе исчезне нашиот проблем со целиот православен свет и дека тогаш ќе немаме проблем со никого во православието?
Со оглед на тоа што на прогрчките Цркви не им пречи нашиот статус, туку нашето име, не верувам дека наполно би исчезнале сите искушенија на патот кон нашето прифаќање во православниот свет. За жал, нашиот проблем не е веќе канонски, како што некој сака од страна да го претстави, туку повеќе е политички.

Дали МПЦ е богата верска организација?
Интересно прашање, но за жал, ќе морам да ви кажам дека МПЦ не е богата организација. Можеби, во последно време, со реализација на денационализацијата, се подобрува состојбата на финансиски план. Како и да е, досега бевме сиромашна црква со богати свештеници.

(Објавуваме интервјуто со скратувања, б. НВ)

Врати се на претходната страница   Врати се горе