Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Анализа

АРОГАНЦИЈАТА КАКО УПРАВУВАЧКИ МОДЕЛ

Стефан Влахов-Мицов

Постои ли некаква врска помеѓу големиот еврогаф на кандидатката за комесар Румена Желева, убијството на радиоводителот Боби Цанков, поигрувањето со бугарските пензионери за Нова година, проблемите на бугарската надворешна политика со Русија, Турција и Р. Македонија и тукушто одржаната промоција на книгата „Бугарите од Голо Брдо, Албанија”? Заедничко нешто за сите тие пројави е ароганцијата. Таа е содржина на денешното бугарско општество. Без неа споменатите настани нема да постојат, а Бугарија ќе беше нормална членка на ЕУ и добар партнер на балканските соседи.

Однесувањето на Желева на испитот за еврокомесар личи на тоа од вицот за патникот којшто не сакал да го покаже билетот во автобус. Се сипал со критики на контролорот, дека нема доверба во него па му бара билет. Останатите патници се солидаризирале со него, а контролорот си заминал. На крајот еден патник сепак запрашал: Зошто наместо толку време да се расправате не му го покажавте билетот? А скандалџијата одговорил: Затоа што немам билет. Ја гледав целата дебата за Желева на телевизија. Жална слика. Пет пати ја прашаа за разликите во поднесените од неа финансиски декларации, а таа не одговараше. А нештата се јасни. Од нејзината декларација поднесена во 2008 г. се гледа дека за претходната 2007 г. има акции во фирмата Глобал консулт. Во извештајот поднесен во 2009 г. што се однесува за 2008 г. тие недостасуваат, макар што продажбата на фирмата е остварена дури на 9 април 2009 г. Освен тоа и досега Желева се води како управник на трговската фирма „Етко шнајдерс”. Впрочем уште двајца пратеници од партијата на Борисов влегуваат во параграфот „конфликт на интереси”. Тоа се Емил Стојанов брат на поранешниот претседател Петар Стојанов и Илиана Иванова. Желева можеше да се извини за направениот гаф и прашањето да се заврши. Наместо тоа таа демонстрираше ароганција кон европратениците. Менталитетот на бугарските пратеници е таков, дури притиснати и од фактите тие одбиваат да ја признаат вината. А вистината е дека во последните 20 години во Бугарија бизнисот и политиката се тесно поврзани. Толку тесно, што бизнисмени стануваат пратеници за да си изгласаат погодни закони во меѓувреме продолжувајќи да управуваат со фирмите. Понекогаш ги префрлаат на брачните партнери и други роднини или фиктивно ги продаваат. Но, повеќето од нив не вложуваат толкав труд. Освен тоа се шпекулира и со цените на имотите. Во 2007 г. на пример Желева пријавила вила во општината Несебр (на Црното море) со внатрешна површина од 81 квадратен метар на локација од 570 квадратни метри, купена само за 2091 лева. Тоа се 1052 евра! Бидејќи во Бугарија нема реални сметки за купопродажбите на политичката класа, нејзините претставници сакаат да го наметнат бугарскиот модел и во Европа. Карактеристичен белег на бајгањовштината освен ароганцијата е и некомпетентноста. Тие заемно се поврзани. Не случајно лидерот на Партијата на европските социјалисти Мартин Шулц изјави: Госпоѓа Желева и нејзината некомпетентност се олицетворение на владата на Бојко Борисов”. Желева, којашто е бугарски министер за надворешни работи, пред неколку месеци објави дека државите Египет и Грузија се наоѓаат на Блискиот Исток. Овојпат пред пратениците таа покажа дека не знае каде се наоѓа Аденскиот залив. Освен тоа предложи Талибанците во Авганистан да бидат искористени како инструмент за доставување на хуманитарната помош. На прашањето за хуманитарната ситуација во Конго, пак, пресече дека не е должна да знае подробности затоа што тоа било работа на луѓе со пониски функции од таа за која што се кандидирала. На тој начин Желева го лансира во Европа бугарскиот принцип колку си понекомпетентен толку повисока функција да имаш. На сите поставени прашања кандидатката одговараше еднозначно, ќе оди „на лице место” да ги решава проблемите и дека ќе демонстрира „проактивност”. Само тие два збора ги беше научила за време на едномесечната подготовка за службувањето. Затоа и завршната оценка на Комисијата за развој на ЕУ беше „незадоволително претставување”. И уште „на ниту едно прашање што и го поставивме Румена Желева не одговори доволно уверливо или задоволително. Желева покажа дека и недостига јасност, беше неспособна да одговора подетално на прашањата и не изгледаше добро подготвена”. Најпоразителен е заклучокот на комисијата дека кандидатката „изгледа не знае каде географски се наоѓаат некои конкретни зони”. Со два збора, министер за надворешни работи и кандидат за европски комесар не го знаеше тоа што го знаат учениците во средно училиште.

Во катастрофата на Желева премиерот Борисов виде бугарски и европски заговор, што му даде повод на лидерот на ПЕС Шулц да каже: “Стилот на Борисов е срам за Бугарија”. Тука шефот на европските социјалисти си дозволи грешка. Затоа што во Бугарија секогаш имало и има луѓе кои мислат нормално, за кои арогантноста е симбол на простотија и неспособност. Тие никогаш не се удираат во гради како големи Бугари дека ќе ја спасуваат државата и како ќе ја направат прва сила на Балканот. Само што на тие луѓе и во времето на Живков и во последните две децении не им беше допуштено да управуваат. А и на Живковата и на денешната власт им се неопходни лумпен пролетаријат, толпа, кои ќе бацуваат рака на еден или на друг „татко” и ќе бараат заговори на непријатели внатре и надвор од Бугарија, против кои ќе ги истураат своите бајгањовски страсти. Пред Нова година владата крајно се подбиваше со пензионерите секојдневно изнесувајќи различни додатоци кон пензиите. Последната еднократна сума се сведе на 25 лева (13 евра) и тоа само за една третина од нив. Во оваа година воопшто не е извесно дали ќе има покачување на пензиите. Јасно е дека ќе се затворат многу болници и училишта, а невработеноста според експертите ќе достигне 16 проценти. Притоа и невработеноста во јавниот сектор. Со своите величествени фалби без никакво покритие премиерот се повеќе личи на некогашниот пратеник и шоумен Жорж Ганчев. Само што него никогаш не му дозволија да се добере до власта. Во моментот на телевизиските канали се емитува хумористичната емисија „Полна лудница”, а всушност самата Бугарија е во таква ситуација. Еден шеф на весник дури се одважи да каже дека сите критики за Желева се точни но и покрај тоа Борисов требало да ја наметне во Европската комисија. За да виделе Европејците дека Бугарија е голема држава. Дали тоа е шовинизам? Или директно патологија? И едното и другото. Но и нешто полошо бесповратна генетичка деформација. Сега во бугарскиот парламент водат дебата за генетски модифицираните производи, а би требало да се дискутира и за генетски модифицираните луѓе кои со својата безумност ја загрозуваат не само сопствената држава туку и добрососедството на Балканот. Секоја година околу 15 јануари бугарските националисти измислуваат по некоја провокација против Македонија. Веќе 18 години тие не можат да проголтаат дека во 1992 година цивилизираните Бугари со европско воспитување и култура, кои за кратко време го презедоа управувањето, ја признаа македонската држава. Пред две години беше промовирана книгата „Бугарската политика кон Република Македонија”, во која 25 актуелни дипломати, политичари и професори даваа „препораки за развојот на добрососедските односи по приемот на Бугарија во ЕУ и во контекстот на проширувањето на НАТО и ЕУ во Западен Балкан”. Суштината на тие препораки беше како да биде натерана Р. Македонија да се самоуништи и да исчезне во името на пријателството и добрососедството. т. е. иста позиција што ја има и Грција. Точно на 15-ти јануари минатата година беше промовирана псевдонаучната пасквелија „Македонија на крстопат”, во која авторите прогнозираа дека Р. Македонија ќе се распадне. Во случајот важеше приказната за лисицата и грозјето. Во истиот месец јануари беше промовирана книгата на новинарката Тања Мангалакова „Нашинците во Косово и Албанија”. Авторката е една од учесниците во подготвувањето на „Македонија на крстопат” и преку „ловот“ на Бугари во споменатите краишта сака да покаже како ќе се распадне македонската држава. Луѓе како Мангалакова се обични пиони и инструменти на великобугарскиот проект за воскреснување на Санстефанска Бугарија. Тој проект е дело на бугарскиот државен врв во периодот 1999-2007 г. а 25-те автори на текстовите во „Бугарската политика кон Р. Македонија” се дел од средниот ешалон на власта. Книги како „Нашинците во Косово и Албанија” и промовираната на 14ти јануари 2010 г. на Софискиот универзитет „Бугарите од Голо Брдо, Албанија, прв дел” одамна се планирани во бугарската стратегија. Не треба да зачудува фактот дека и авторката на новата книга Веселка Тончева не е историчар, туку музички педагог. На промоцијата таа призна дека луксузно издадената книга на 328 страници, кои биле резултата на 4 спроведени експедиции, не е научно истражување, туку „емоционално испитување”. Циркусот стана целосен кога во проектираниот 30 минутен филм за публикацијата за Голо Брдо (финансиран како и експедициите од Каракачановото ВМРО) месното население зборуваше на македонски јазик, а и авторката Тончева исто, за да можат да ја разберат. Тоа не и пречеше во паузите меѓу дијалозите да тврди дека тоа се Бугари и дека зборуваат бугарски јазик. На промоцијата присуствуваше и бугарскиот амбасадор во Тирана, веќе осум години, Боби Бобев, кој со задоволство објави дека во 1999 г. станал соорганизатор на пробугарското здружение за просперитет Голо Брдо. Затоа што и покрај декларираните пријателски чувства бугарската надворешна политика е арогантна и кон Албанија. Бугарија тврди дека во таа држава со која нема заедничка граница, имало стоилјадно бугарско малцинство и настојува Албанија да го признае. Ист притисок се врши и кон Косово. Кога претседателот на албанскиот парламент гостуваше во Софија на 26 јули 2004 г. тој им објасни на своите бугарски домаќини дека Албанија нема проблем да признае бугарско малцинство на својата територија ако тоа навистина постои. Само што тие што Бугарија ги посочува за свое малцинство тврдат дека не се Бугари, туку Македонци. Ете зошто во последните години бугарската пропаганда помпезно бара Бугари во Албанија. Во тек е проект за отворање на бугарско училиште во Тирана за 400 ученици од прво одделение до 12ти клас. Организатори се Каракачановото ВМРО и националната асоцијација на претседателите на локалната самоуправа на Бугарија. Во практика акцијата се координира од бугарската влада. Затоа и на промоцијата на книгата беше претседателката на Државната агенција за Бугарите во туѓина Рајна Манџукова, која што изјави дека луѓето од Голо Брдо за секогаш ќе останат дел од големата бугарска нација. Во 2011 г. во Албанија ќе се спроведе попис на населението и за првпат ќе бидат вклучени одредници за етничката припадност и за мајчиниот јазик. Бугарската пропаганда се надева да собере повеќе бугараши што би бил аргумент за признавање на бугарско малцинство и така Р. Македонија да биде заобиколена со измислени од статистиката Бугари.

За Бугарија добрососедството е празен збор што таа според своите конкретни цели го исполнува со дволичност, лажни ветувања и ароганција. На 15 јануари о. г. д-р Жељу Желев, кој како претседател на Бугарија има голем придонес за развојот на бугарско македонските односи, доби највисок македонски орден „Осми септември”. Интервјуто што тој следниот ден го даде за државното радио Хоризонт воопшто не се појави на електронскиот сајт на радиото. Затоа што во него д-р Желев одново демонстрираше пријателски чувства кон македонската држава и нација. Така Бугарија го цензурираше својот прв демократски претседател. Во сабота на 16-ти јануари каракачановци организираа протест пред македонската амбасада во Софија, одново за Спаска Митрова. Таа Спаска, која со намера се појави во Банско токму на 19 декември кога таму се сретнаа македонскиот и бугарскиот претседател. Божем репресираната Спаска се шета низ Бугарија, а каракачановци протестираат за нејзина заштита. Секој може да го спореди македонскиот и бугарскиот модел на добрососедство. Добрососедство ли е кога бугарската државна телевизија емитуваше емисија на 7-ми јануари (Божик) во која се зборуваше дека Р. Македонија е дел од Бугарија, се покажува карта на „целокупна Бугарија” и се пеат песни во тој дух? Добрососедство ли е кога вмровците тргнаа на панихида на Мара Бунева во Скопје со провокативни пароли и бугарски обележја? Добрососедство ли е кога бугарскиот министер изјави дека Македонците ќе исчезнат како и Маите (значи сепак има Македонци!) и продолжува да седи во министерската фотелја? Добрососедство ли е кога претплатници на списанието „Македонија”, орган на Матицата на иселениците не можат да го добијат во Софија и бараат помош од македонската амбасада? Најнакрај добрососедство ли е кога дузина честитки за Нова година, испратени од авторот на овие редови на 17-ти декември во софиската Централна пошта патуваа од Софија до Скопје речиси цел месец. А некои се уште не се стигнати до примателите. Но нема зашто да се чудиме! Бугарија е единствената држава во ЕУ која не дава помош за земјите во развој, а во исто време кандидира европски комесар за тој ресор. Апсурди во Апсурдистан!

(Авторот е универзитетски професор)

 
   НАРОДНА ВОЛЈА
КОЙ УНИЩОЖАВА ИСТОРИЧЕСКИТЕ ИСТИНИ? КОЙ ПРАВИ КОЩУНСТВО В БОЖИЯ ХРАМ?
Читај
КЪМ ВЪПРОСА ЗА НАРОДНОСТТА НА СТАРИТЕ МАКЕДОНЦИ
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
МЕМОРАНДУМОТ НА МАНУ, МПЦ-ОА И УКИМ ПОВИКУВА НА ОДБРАНА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ
Читај
СО БЛЕДСКИОТ ДОГОВОР БУГАРИЈА ПРИЗНАЛА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, НАРОД И МАКЕДОНЦИ, СЕ ШТО ДЕНЕСКА СПОРИ
Читај


138 г. от рождението на Гоце Делчев


Аз разбирам света единствено като поле за културно съревнование между народите.

Поздравления
ПО СЛУЧАЙ НОВАТА 2010 ГОДИНА

Главният редактор и редколегията на в. “Народна воля” получиха честитки от външния министър на Р Македония Антонио Милошовски, посолството на Р Македония в България, академик Блаже Ристовски, Трифон Костовски, професор Стефан Влахов-Мицов, д-р Константин Георгиев, Радко Георгиевски и много други. На всички тях
ИЗКАЗВАМЕ НАЙ-ИСКРЕНА БЛАГОДАРНОСТ
за добрите думи и им пожелаваме много здраве и успехи през 2010 г.

Македонија пее

АБЕР МИ ДОЈДЕ ОД СОЛУНА ГРАДА

Абер ми дојде од Солуна града
Солунчаните бесилка ставиле
Ќе ми го бесат Гоцета
Гоцета Делчев војвода

Гоце ми се сторил црно ќумурџиче
Па ми се шета в солунска чаршија
На среќа сретнал аскери
И на Гоцета говорат

Абре ѓаурче црно ќумурџиче
Нели го виде Гоцета
Гоцета Делчев војвода

Абре аскери вие бре аскери
И да го видам Гоцета
Јас Гоце не го познавам

МАМО, КОЈ ЧУКА НА ПОРТИ?

Мамо, кој чука на порти? (2)
Чука, тропа, мила ќерко,
твојто верно либе. (2)

Мамо, дал’ да му отворам? (2)
Немој ќерко, немој душо,
вечера немаме. (2)

Вечера ќе бидат, мамо,
вечера ќе бидат, мамо,
мојте слатки думи. (2)

Мамо, дал’ да му отворам? (2)
Немој ќерко, немој душо,
постела немаме. (2)

Постела ќе биде, мамо,
постела ќе биде, мамо,
мојта рамна снага. (2)



Our Name is Macedonia

ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

 
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2020 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting