Новиот трговски центар Скопје Сити Мол - новата визура на Град Скопје, кој нуди реномирани светски брендови и големи локални трговски марки нуди за потрошувачите од Македонија и од регионот, отворен е официјално вечерва во Скопје.
Инвестицијата од над 100 милиони евра, која овозможува над 2.000 вработувања, во присуство на претседателот на државата Ѓорге Иванов, на Собранието Трајко Вељаноски, министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор, на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и други јавни личности, ја предаде во употреба премиерот Никола Груевски.
На 90.000 метри квадратни, од кои 39 илјади метри се за издавање, ќе бидат присутни 150 реномирани светски брендови, како и најголемите локални трговски марки, а ќе бидат достапни за комерцијална продажба од утре.
Зара, Масимо Дути, Страдивариус, Пул енд Беар, Бершка, како и францускиот ланец супермаркети Керфур, се дел од брендовите кои најдоа свое место во Скопје Сити Мол и првпат имаат свој продажен простор во Македонија. Трговскиот центар нуди богати забавни содржини како што се мулти-плекс киното со 3Д технологија на Синеплекс, потоа куглана за семејна забава и деловно дружење Бо Боулинг, многу кафе барови, ресторани, брза храна, козметика, книжарница, детски катчиња, потреби за домаќинство, сервисни услуги и други содржини. Посетителите ќе имаат на располагање и паркинг простор со 1.300 места вклучувајќи подземно ниво и катна гаража.
Во пресрет на свеченото отворање дел од брендовите почнаа со промоција на своите понуди. Со свој продажен салон во Скопје Сити Мол и воопшто во Македонија од денеска е присутна iSТYLE најголемата мрежа за продажба на производите на светскиот гигант Apple за подрачјето на Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Определбата на Скопје Сити Мол, според најавите, е да ги задоволи потребите на домашните, но и на потрошувачите од регионот за квалитетен и современ трговски простор и да стане најуспешен шопинг центар на Балканот со околу 7,5 милиони посетители во првата година.