После срамните бугарски национал - шовинистички и фашистички изливи кон Македонија, вклучувајќи ги БАН, владата и Собранието, во бугарската агенција „Фокус“, на 31/12/2019, се појави и долго интервју на бугарскиот „историчар“ Пламен Павлов („Во бугарско-македонските односи треба да поаѓаме од позицијата дека се работи за еден народ кој живее во две држави“). Насловот кажува сe а тој е вистински „научник“ кога тврди – „тоа е така и не може да биде поинаку“, или – „... друга позиција во науката не може да има“. На кутриот Павлов никој не му објаснил дека во науката сe „може да биде поинаку“ и „да има друга позиција“ ако аргументи го тврдат спротивното. Тоа е улогата на науката - да не се робува на некакви политики и догми. Среќа е што „научникот“ Павлов, тешко заболен од историски синдроми и оптоварен од шизофрени политики, не живеел порано. Инаку, нашава планета сe уште ќе се сметаше за рамна површина.
Како и бугарските политичари и историчари, кои негираат очигледни факти, и Павлов лаже дека Македонија шири омраза кон Бугарија. Напротив. Секогаш имало преголема толеранција и постоел интерес за соработка, ама ако другата страна смета дека не постоиш, простор за пријателство нема и не може да има. Фактот што 150 и повеќе години, во агендите на главните светски фактори
имало „Македонско прашање“, е најдобра потврда дека ем имало Македонци, ем биле обесправени. Светот не знаел дека сите луѓе потекнуваат од мајмуните а само Македонците од Бугарите.
Равенката не е баш пријатна.
И Пламен Павлов тврди дека нема македонски јазик, дека е тој „норма на бугарскиот јазик“ за одлучно да заклучи – „нашата позиција е јасна. Таа не може да биде поинаква“. А била поинаква, што значи дека им е менлива а тој или шири измислици или не знае што зборува и пишува. Меѓу Југославија и Бугарија се потпишани три или пет меѓудржавни договори и протоколи на
македонски и бугарски јазик. Ако тогаш имало македонски јазик а сега го нема, тие документи треба да се поништат бидејќи ги откриваат бугарските недоследности.
На Павлов му пречи јазикот бидејќи со примитивни махинации сака да докаже дека нема македонски народ. Фактите со коишто се обидува да ги негира Македонците, целосно ја уриваат тезата дека
македонскиот јазик, како дијалект на бугарскиот, е клучен доказ дека ние сме – „Бугари“.
Повеќе од 150 милиони зборуваат арапски ама не се сите „Бугари“. Има Египјани, Јорданци, Кувајчани, Арапи - Бербери... Павлов точно тврди дека – „никој не зборува за мексикански, аргентински... јазик“... бидејќи во Латинска Америка мнозинството зборуваат шпански. Павлов повторно превидува дека јазикот им е ист, ама ги има разни нации и повторно не се сите „Бугари“.
Иако звучи неверојатно, тој реди исти имбецилни грешки – „никој во Австрија нема да се противи дека јазикот им е германски“, за да се надоврзе дека ние во Македонија не прифаќаме дека јазикот ни бил „бугарски“. Зарем не му шепнале дека таму живеат Австријци, а не Германци и дека, по истата логика, ние дури и со „бугарски дијалект“, не значи дека сме „Бугари“? Впрочем, според горните примери, и да зборуваме на чист бугарски тоа воопшто не го негира фактот дека сме Македонци, иако јазикот е исклучително важна идентитетска одлика. Генијална е неговата мисла дека - „да се тврди дека од памтивек има македонски јазик и дека бил секогаш различен од бугарскиот... тоа е само по себе апсурдно“. Единствено не објаснува зошто е тоа „апсурдно“? Веројатно, тоа треба да се подразбира.
Тој маестрално заклучува – „отстапки околу тоа не може да има“. Какви „отстапки“, бре, Павлов? И, од кого? Колку е жално кога некого ќе го јавне бесмислена политика! Павлов убаво прецизира: „националното чувство е индивидуално прашање“, ама веднаш се негира бидејќи тоа право не важи за Македонците. За нив одлучува – Софија. Појаснува дека во Македонија има луѓе кои – „немале можност да ја откријат својата бугарска самосвест... поради бесен антибугаризам“. Ова е веќе брилијантно откритие! Тоа треба да важи за 99,9 проценти од Македонците кои немале можност национално да се „освестат“. Токму затоа Бугарија и Павлов брзаат тоа да го поправат. Нема никаква логика ниту врска споредбата која Павлов ја прави меѓу Македонија и Бугарија со Грција и Кипар и со Романија и Молдова. Напротив, тој повторно си скока во уста. Во првите две живеат Грци и тоа не е спорно за никого. Како што живеат Албанци и на Косово и во Албанија. Вторите се пример на две нации кои зборуваат ист или сличен јазик ама едните се Романци, а другите Молдовци. „Научникот“ Павлов упорно се обидува да го брани невозможното бидејќи нема основни знаења за работите.
Единствено Георги Димитров не беше зачмаен во бугарските историски синдроми и му беше јасно дека игнорирањето на Македонците во Бугарија е политичко злосторство. Познатата комунистка Цола Драгојчева, пак, која во 1960-тите и 1970-тите јадеше трици против Македонија, во јули 1945 година напишала: „Прашањето за национална слобода за фашистите беше прашање со кое се разгоруваше омраза меѓу народите... Оваа вистина особено силно ја почувствува и разбра македонскиот народ...“. Тогаш за неа имаше таков народ, ама потоа – не. И таа се освестила. На испраќањето на моштите на Гоце Делчев за Скопје, на 7 октомври 1946, подоцнежниот претседател на БАН, Тодор Павлов, рекол – „Делчев беше длабоко убеден дека ослободувањето на Македонија може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание... на што ги посвети сите свои сили...“; „... сонот на Гоце беше за ослободување и сестран успех и величие на македонскиот херојски и во секој поглед прекрасен народ“.
Тоа се факти кои „историчарите“ како Павлов не можат да ги сфатат. Толку им сечи ак’лот. Испраните мозоци се страшна и непоправлива работа. Големо - бугарската утопија од Сан Стефано е бесмислен и празен сон од којшто Софија треба што побргу да се разбуди. Не заради Македонија туку за да не си се резили самата. Павлов треба да ја прочита книгата на Чавдар Маринов („La
question мacedonienne de 1944 a nos jours“, за која веќе пишувавме), за многу работи да му станат појасни. Ч. Маринов исто така ги пласира бугарските ставови, ама со обид за објективност. Тој потсетува дека АВНОЈ и Отечествениот фронт на БКП, на крајот од 1943 година, истовремено го признаваат правото на Македонците за национално обединување. А пред тоа, уште во 1923 година, како генерален секретар на Извршниот комитет на Коминтерната, Бугаринот Васил Коларов изјавил дека „македонското население сака да биде признато како националност и да ги добие своите национални права“. Во интервју за мкд.мк, на 19/9/2019, во врска со „кавгата“ за Гоце Делчев, Ч. Маринов оценил - „... барем од бугарска страна гледаме една многу јасна националистичка ангажираност на историчарите“. Павлов одлично се вклопува. Павлов и сличните мора да сфатат дека фактот што Србите тврдеа дека сме Срби, Грците – Грци, а Бугарите сe уште сметаат дека сме Бугари, недвосмислено покажува дека сме нешто - четврто. Не е возможно тројца да те присвојуваат ако не си различен од сите нив, иако и сличен. Ако си дел на еден од нив, другите се во аут и нема што да бараат. Интересно е што Софија сега агресивно ги присвојува и Македонците од Албанија ама не смее да ги спомне оние во Грција. Повторно бедни и срамни вазалски политики. Бугарија и Павловци сe уште ѕиркаат од 19 век.
Генијалниот Алберт Ајнштајн оценил: две работи се безгранични – вселената и човековата глупост. (Нема докази дека при тоа мислел на бугарските политики кон Македонија. Не бил толку видовит). И додал – за вселената не сум до крај сигурен.