Проф. Тодор Чепреганов:

Историјата на еден народ ја пишува самиот народ како резултат на неговата колективна меморија

Проф. Тодор Чепреганов

Да тапкате во место со негација за постоење на еден народ, денес во 21 век е надвор од памет. Бугарите се 143 години закотвени во сопствените негаторски ровови и мрак. За жал, и денес се слепи на очи, глуви на уво.
Ниту е пријателски, ниту добрососедски, а уште помалку европски Објаснувачкиот меморандум или поточно тоталната уцена за не постоењето на се што е самоидентификација (јазик, историја, култура) на еден народ-македонскиот. Наци-фашизам до срж! Обид за негација на се што е напишано до сега на полето на историјата и летаратурата во светски рамки од и за Македонија и македонскиот народ.
Вака ја гледа содржината на Објаснувачкиот бугарски меморандум историчарот, проф. Тодор Чепреганов.
-Историскиот континиум на македонскиот народ не е прекинат повеќе од два милениума. И покрај сите обиди во историјата за негова негација и денес опстојува и надвор од памет е да се прифатат, денес во 21 век, бугарските лаги, фалсификати и конструкции за непостоењето на македонскиот народ или, како што милуваат да кажат бугарските политичари и историчари, дека не признаваат, но од 1944 година, а до тогаш сме биле Бугари. Без срам и перде излегуваат пред ЕУ и бараат самоукинување на еден народ, спротивно на европските принципи. Но, поради европските бирократски принципи и таа Европа го толерира однесувањето на Бугарија, со што и самата е соучесник во бугарските барања, вели проф.Чепреганов.
Од друга страна, објаснувачкиот Меморандум, според него, само покажува како една анационална влада, без да размислува за националните и државните интереси на сопствената држава, влегува во преговори и договори без да биде свесна за последиците од истите.
-Да се договара за некоја заедничка историја, заеднички херои и настани, (не)постоење на македонско малцинство, а според бугарските толкувања сетоа тоа треба да биде бугарско, е идентитетско самоубиство. Историјата на еден народ ја пишува самиот народ како резултат на неговата колективна меморија. Историјата на македонскиот народ ја пишувале, ја пишуваат и ќе ја пишуваат македонските историчари, затоа што таа му припаѓа само нему. Заеднички истории, херои и настани се конструкт на авторитарни режими, кои се осудени на ненаучност и се резултат на политички диктати и се со краткотраен рок, дециден е проф.Чепреганов.